Периодичната, односно повремената диета со рестрикција на јаглехидратите, по се изгледа е поефикасна од стандардното држење на диета, во однос на намалување на телесната тежина и намалување на нивото на инсулин во крвта – хормон кој е промотер на карцином, се вели во најновото истражување.
Истражувачите од Универзитетската Болница во Јужен Манчестер, Велика Британија, открија дека рестрикцијата на јаглехидратите два дена во неделата, може да е подобар диететски пристап отколку стандардната диета, во превенцијата од карциномот на дојка и другите заболувања, но истражувачите велат дека за потврда на ова открите, потребни се дополнителни истражувања.
Намалувањето на телесната тежина и намалените нивоа на инсулин во крвта се многу битни во превенцијата на карцином на дојка, но ова тешко се постигнува со конвенционалното држење на диета и рестрикција на калории во исхраната, изјавила Проф. Др. Мишел Харви, одговорна за новата британска студија.
Др. Харви и нејзините колеги споредувале два вида на диети за време на четири месечен период, за да ги видат ефектите врз намалувањето на телесната тежина и крвните маркери за карцином на дојка кај 115 жени со фамилијарна историја за овој карцином. Тимот истражувачи ги поделиле испитаниците во две групи: првата група која имала диететски режим на рестрикција на јаглехидратите два дена во неделата, и друга група која била на стандардна медитеранска диета седум дена во неделата.
Резултатите биле зачудувачки. Ризикот за карцином и останати заболувања бил значително понизок кај онаа група која го следела дводневниот режим на рестрикција со јаглехидрати, отколку групата која го следела стандардниот режим на диета.