Новите истражувања велат дека умерените количини на кофеин не доведуваат до зголемување на ризикот за спонтан абортус.
Многу од бремените жени, во оној момент кога ќе дознаат дека се бремени, веднаш го исфрлаат кофеинот од своето секојдневие поради стравот дека кафето може да го зголеми ризикот од спонтан абортус или предвремено породување.
Но, новите истражувања од страна на американското здружение на обстетричари и гинеколози потврдуваат дека умереното земање на кофеин помалку од 200 mg во денот не го зголемува ризикот за спонтан абортус или предвремено породување.
Истото не може да се каже и за поголемите количини на кофеин, кажуваат од здружението во августовското издание на списанието Obstetrics & Gynecology.
“Многу години жените добиваа спротивни препораки за тоа дали треба да внесуваат кофеин за време на бременоста“ кажува Д-р. Вилијам Барт, претседателот на здружението. Имено тој истакнува дека по прегледувањето на сите научни факти, умереното дневно конзумирање на кофеин нема никакво негативно дејство во однос на спонтаниот абортус или предвременото породување.
Варијации на содржината на кофеинот
Во основа, 200 mg кофеин се еднакви на 300 грамска шолја кафе (течност), но треба да се земат во предвид и различните видови на кафе бидејќи многу од нив во истата 300 грамска шолја се застапени и со над 300 mg кофеин.
240 грамскиот кофеинизиран чај и повеќето 300 грамски безалкохолни пијалоци содржат помалку од 50 mg кофеин. Исто така, 50 грамско чоколадо содржи помалку од 35 mg кофеин.
Ова ново мислење е базирано во однос на неодамнешните студии кои што се концентрираат на ефектите од кофеинот за време на бременоста. Авторите исто така го земаат во предвид и ризикот од интраутерната рестрикција на развојот (IUGR – Intrauterine Growth Restriction) за време на бременоста како резултат на конзумирањето на кафето. Иако не постои дефинитивен доказ дека кофеинот го зголемува ризикот за IUGR, сепак потребни се повеќе студии за да се разбере таа поврзаност.
Д-р. Семи Дејвид, експерт по репродуктивна ендокринологија и плодност советува дека е доволно трудницата да конзумира околу 100 mg кофеин дневно што е еднакво на 240 грамско кафе, секако пресметано во течност.