Речиси секој втор човек има некакви тегоби со желудникот. Некои се жалат на често подждригнување, други дека ги измачуваат киселини, трети дека имаат болка, печење или жарење во пределот на желудникот, некои, пак, велат дека имаат чувство на надуеност во стомакот. Сите овие симптоми, според гастроентерохепатолозите, укажуваат на воспаление на слузокожата на желудникот, кое може да биде акутно или да премине во хронична форма.
До 1982 година се мислело дека овие тегоби се последица на стрес, кисела храна и лошите животни навики, како што се пушењето и алкохолот. Денеска се знае дека најчеста причина за оваа инфекција е бактеријата хеликобактер пилори (ХП), која едноставно го „јаде“ желудникот.
Хеликобактер Пилори (ХП), претставува спирална бактерија во облик на запирка, многу подвижна која според Грам боењето, микробиолошки се бои негативно. ХП е најдена на слузницата на желудникот и е единствена бактерија која може да преживее во многу киселата желудочна средина, со многу малку кислород при температура од 37 степени. Освен во желудникот, откриена е и на слузницата од усната празнина, забните наслаги, плунката, а докажана е и во столицата.
Многу луѓе ХП инфекцијата ја стекнуваат уште од детството. Живеењето во густо населени домови (со повеќе членови), општества во развиени земји со лоши санитетски услови, како и чест контакт со луѓе кои се извор на ХП се меѓу главните ризик фактори за инфекција. Многумина кои се инфицирани во текот на животот не пројавуваат никакви симптоми или знаци, додека од друга страна, дел од нив ке развијат дури и сериозни компликации како последица на инфекцијата.
Лицата со хеликобактер пилори инфекција имаат многу поголема шанса да добијат улкусна болест, па се наметнува заклучокот дека оваа инфекција доведува до тоа. Околу 90 отсто од чиревите на дванаесетпалачното црево и 70 отсто од желудочните улкуси се предизвикани токму со хеликобактер пилори. Во многу помал процент оваа бактерија се доведува во врска со многу посериозни заболувања на желудникот.
Голем број лица со инфекцијата немаат стомачни тегоби. Кога се присутни, најчесто се јавуваат болки во горните делови на стомакот, мачнина, надуеност, отежнато варење, некогаш и повраќање. Кога ќе дојде до настанок на улкус, т.е. чир, болките или чувството на печење во горните делови на стомакот се зголемуваат, често се јавуваат еден час или повеќе после оброкот и многу често во текот на ноќта. Овие симптоми најчесто се намалуваат или времено се отстрануваат со лекови кои го намалуваат или спречуваат лачењето на желудочната киселина.
Методите за утврдување на хеликобактер – инфекцијата можат да бидат агресивни или инвазивни и неинвазивни. Во нашите лаборатории се работат два вида на тестови за откривање на бактеријата.
Крвни анализи кои се најчесто користен метод за одредување на антителата на ХП (ИгА и ИгГ) со кој може да се процени дали се работи за свежа, неодамнешна инфекција со бактеријата (ИгА), или пак инфекцијата е добиена во минатото (ИгГ). Исто така, титарот на ИгГ антителата е особено важен за следење на инфекцијата по примање терапија.
Анализа на фецес (столица). Овие тестови се прават за да се открие присуството на самата бактерија во столицата или да се одреди дали третманот на инфекцијата со ХП бил успешен.
Вториот неинвазивен тест е уреаза издишен тест, кој најретко се применува. Имено, уреата се обележува со изотоп на јаглерод, се дава на уста на пациентот и се мери количината на обележан ЦО2 во експирираниот воздух, кој е во корелација со присуството на уреаза ензимот од бактеријата.
Инвазивните се базираат на ендоскопскиот метод на гастроскопијата – преглед со тенка сонда со камера, која се внесува преку уста, и со која можат да се видат сите промени карактеристични за гастритис, како и да се земе материјал за биопсија, во кој понатаму микроскопски се докажуваат бактериите, или пак, се прави микробиолошка култура – ЦЛО ТЕСТ. Овој тест иако е инвазивен и потежок за пациентот, сепак е со најсигурни и најточни резултати и се смета за златен стандард во откривање на инфекцијата со хеликобакетр пилори.
Оваа бактерија е доста отпорна на примена на стандардната антибиотска терапија, бидејќи самите антибиотици не се доволни за успешно лекување. Неопходна е истовремена примена на лековите кои спречуваат секреција на киселината во желудникот и комбинација на два антибиотици во одреден временски период.
Постојат договорени тераписки протоколи кои ја дефинираат употребата на соодветни лекови, а кои најчесто се применуваат во клиничката практика.
Лекувањето се спроведува со т.н. тројна или тривалентна терапија во период 1-2 недели (околу 10 дена). Оваа терапија подразбира третман со два различни антибиотика и еден инхибитор на протонска пумпа, кој го намалува лачењето на желудочната киселина. По десетдневната тројна терапија третманот продолжува само со инхибитор на протонска пумпа за извесен период. Доколку бактеријата се’ уште е присутна и покрај редовно користената терапија и пациентот има и понатаму симптоми, тогаш се повторува тројната терапија со замена на еден од антибиотиците, или пак се користи и т.н. четиривалентна терапија, во која влегува и бизмут.
Се употребуваат повеќе варијации на антибиотици и инхибитори на протонска пумпа кои имаат различна ефикасност. Најчесто користени антибиотици се: кларитромицин или азитромцин во комбинација со амокисицилин и метронидазоле за пациенти алергични на пеницилин. Во поново време се’ почесто се употребува и левофлоацин, кој има доста добро антихеликобактерно дејство. Инхибиторите на протонска пумпа кои најчесто се користат се: омепразол, пантопразоле и поновиот есомепразол.
Бидејќи од ден на ден расте антибиотската резистенција на бактеријата, стратегијата за уништување на хеликобактер-инфекцијата треба да се движи кон превенција на желудникот од оваа бактерија. Познати се студии кои го откриваат антихеликобактер-дејството на брокулата, црвеното вино, лукот, зелениот чај, како и на пробиотиците и флавоноидите.
Пациентите со ХП-инфекција треба да избегнуваат обилна, масна храна, чоколадо, пеперминт, алкохол, кисело и луто, бибер, како и газирани пијалаци со кофеин и не смеат да пушат цигари. По јадење треба да се остане во исправена положба и да се избегнува движење непосредно по јадењето, како и облека која го затегнува стомакот.
Општите правила во исхраната подразбираат забрана на внесување врела, ладна и јако кисела храна. Треба да се јаде почесто и помалку и храната треба полека да се џвака и да биде добро исечкана. Не се препорачува внесување големи количини на течности одеднаш. Јадењата треба да се варени или динстани со минимална количина на маст, најдобро без запршка. Млеко во големи количини не е пожелно, бидејќи има привремено неутрализирачко дејство, по кое уште повеќе се поттикнува лачењето на желудниковата киселина. Сварено млеко со жита (овесни снегулки, ориз, гриз) поволно дејствува на слузокожата на желудникот. Се препорачуваат продукти како варен зеленчук, компоти, лeсни колачи со овошје, јадења со пилешко, риба и соја.
Во храната треба да се вклучат пробиотици, кои ги има во јогуртот, а и употребата на маслиново масло, ленени семки и масло, исто така, има позитивно дејство.