Имате ли хоби? Голема е веројатноста на ова прашање да одговорите дека едвај наоѓате време за себе и за одмор, а камоли за хоби. Но, група британски социолози велат дека хобито е проверен начин за да се ослободите од стрес. Е сега, ако мислевте дека блогерството може да се смета за хоби, имаме лоша вест, бидејќи експертите инсистираат на хобијата од минатото.
Не дека ве тераме да собирате салфетки, но што ѝ недостасува на старата добра одбојка? Оживувањето на радоста од детството (пред нашите животи да ги преплават обврски) ќе ве потсети колку нашето секојдневие го водат мониторите.
Без разлика дали сте во потрага по самодоверба или ви треба нешто што ќе ве опушти од стресот, овие некогашни хобија и тоа како ќе ви помогнат.
Играјте одбојка
Оживејте ја средношколската пракса, бидејќи напорот да не дозволите топката да падне на земја и тоа како ќе ви ја исчисти главата. Од друга страна, одбојката или кој било друг колективен спорт ќе го истакне вашиот тимски дух, што е добро во овој свет на константно натпреварување. Хобијата што подразбираат игра (спорт или танцување) поттикнуваат позитивни емоции, плус се далеку позабавни од летаргичното гледање туѓи фотографии на FB или Instagram што поттикнува исклучиво фрустрации.
Свирите на инструмент
Една британска студија вели дека 48% од некогашните свирачи, со задоволство би се вратиле на пасијата од минатото, повеќето од нив биле жени. Извадете ја флејтата од под кревет, дозволете му на пијаното барем еднаш да ја исполни просторијата со музика и вратете се во младата безгрижна верзија од себеси. Концентрацијата што ја вложуваме за да свириме на инструмент е слична на медитацијата, таа емотивно го регулира мозокот и го намалува нивото на стрес хормонот кортизол.
Сликајте
Постои причина зошто сликањето со децении се користи како облик на терапија, таа неверојатно успокојува. Дружењето со четките ќе ви донесе мир и спокојство без оглед на годините што ги имате. Скицирањето со молив, боењето, изработката на скулптури, сите овие активности ги исклучуваат негативните емоции како стрес, лутина или тага. Потсвесно вие ќе се ослободите од емотивниот багаж сеедно што ќе насликате, креативниот чин сам по себе го прочистува умот.
Појдете на балет
Балетот е вежба за целото тело, го зајакнува рбетниот столб и ја подобрува флексибилноста. Исто така, ќе ве преплави со голема доза ендорфин како да сте трчале. Ако сте истрајни, за кусо време ќе го подобрите и движењето и седењето кои се компромитирани поради долгото седење пред компјутер.
Зачленете се во хор
Новите студии велат дека пеењето во хор ја подобрува самодовербата, децата кои одат на хор имаат повисоко мислење за себеси. Ако ве бидува за пеење, навиката да пеете под туш искачете ја за ниво погоре. Истражувачите од универзитетот Gothenburg открија дека кога хористите пеат заедно, доаѓа до синхронизација на нивниот срцев ритам, а тоа има смирувачки ефект како јогата.