Направете сами: Органски шампон за нега на коса

Покрај органската храна која ја консумираме за подобрување на нашето здравје, се наметна и потребата за користење на органски производи за нега и убавина.
Со оглед на фактот дека органските производи за нега и убавина се поскапи од обичните, ние ви нудиме совети како да си подготвите органски шампон за нега на вашата коса во домашни услови.

Кожата, како најголем орган на човековото тело е прва одбранбена линија која го штити организмот од отрови. Со користење на органски шампони за коса, косата и кожата ќе бидат многу поздрави, а со тоа и вашиот организам.

Во продолжение следи еден интересен рецепт како сами да направите органски шампон.

Потребни се: две шолји концентриран, топол чај од камилица, три супени лажици рендан сапун од маслинки, една супена лажица глицерин, пет капки есенцијално масло од мандарина или масло по ваш избор.

Ставете ги цветовите од камилица во тенџере со зовриена вода, оставете го да стои покриен 15 минути и потоа исцедете го.

Во друг сад ставете го сапунот и полијте го со жешкиот чај, промешајте и оставете ја смесата неколку минути. Повторно во нов сад измешајте ги со жица за матење глицеринот и есенцијалното масло, префрлете ги во шише, потоа додајте го чајот со сапун, измешајте и оставете да се олади целосно.

Чувајте го шампонот на суво и темно место. За подобри резултати, оставете го шампонот да делува на косата три минути и потоа исплакнете со топла вода.