Со храна против ПМС

Нездравата исхрана, која е богата со масти, шеќер и зачини може да предизвика моментално задоволство, но нема да помогне во олеснување на менструалните болки.

Некои жени во предменструален период тешко ги контролираат емоциите, промените на расположението, вклучувајќи ја и неодоливата желба за храна, обично онаа нездравата. Покрај тоа, ПМС е пропратен со болка и други непријатности.

Дали сте знаеле дека јадењето одредени видови храна не само што може да ги задоволи вашите потреби, но исто така и да ја ублажи предменструалната и менструалната болка?

Чоколадо

Темното чоколадо кое содржи најмалку 70 проценти какао не само што ќе ги задоволи вашите потреби за слатки, туку ќе ги задоволи и дневните потреби за железо. Покрај тоа што е природен антиоксиданс, какаото содржи корисни витамини и минерали, како и големи количини на железо, кои во текот на менструалниот циклус и тоа како се потребни. Не заборавајте ја и другата храна богата со железо – црвено месо, спанаќ, хумус, сончоглед .

Лосос

Ако немате премногу силни менструални болки, наместо да посегнете по пилула, решението може да биде и лосос. Всушност, лососот е богат со омега-3 масни киселини кои го намалуваат отокот, што предизвикува грчеви. Покрај лосос, се препорачува и јадење авокадо.

Јогурт

Јогуртот, покрај тоа што е добар за варењето, тој е богат со калциум, кој може да ги “урамнотежи” хормоните. Ако не ви се допаѓа јогурт, консумирајте млеко, сирење и други млечни производи .

Леќа

Консумирање на леќа за време на ПМС е спас за постојаните промени на  расположението. Покрај многуте витамини и минерали, леќата содржи и сложени јаглехидрати кои го стимулираат доброто расположение. Леќата може да ја јадете со салата, во форма на чорби или како гарнир.

Манго

За да немате проблеми со акни за време на предменструалниот период, наместо солени и слатки грицки јадете манго. Тоа ќе ја намали појавата на акни и мозолчиња.

Бадем

Ако вашите гради се чувствителни за време на менструацијата, консумирајте храна која содржи витамин Е – на пример бадеми. Поточно, витаминот Е е моќен антиоксиданс, а освен бадеми, можете да јадете семки од сончоглед, спанаќ, маслинки, сушени кајсии.

Краставица

За време на ПМС некои жени се чувствуваат подуени поради хормоните кои предизвикуваат собирање на вода во телото. Краставиците, особено оние кои се свежи, ќе ви помогнат да се ослободите од вишокот на вода од телото бидејќи делуваат како природен диуретик кој го поттикнува мокрењето. Без оглед на собирањето на вода во телото, пијте повеќе течности, особено вода и зелен чај.