Дали знаеш дека само 20 до 30 минути на ден поминати во друштвото на мачка можат да ти ги смират нервите и да ти го подобрат расположението?
Докажано е дека при близок контакт со овој мил крзнен пријател, производството на хормонот серотонин се зголемува, заедно со чувството на општа благостојба и задоволство, додека нивото на стрес хормонот кортизол се намалува.
Високо ниво на кортизол се постигнува како нормален физиолошки одговор на твоето тело кон стресот, но ако остане покачен премногу долго, тогаш кортизолот делува штетно. Докажано може да доведе до појава на висок холестерол и покачен крвен притисок.
Гледано од овој агол, сигурно и самиот заклучи дека секое време минато со маче е добра и долгорочна инвестиција за подобро здравје, затоа што не само што ќе ти го намали стресот, туку несомнено ќе ти го подобри и расположението.
Кој би рекол дека да се има маче за милениче има толку многу важни придобивки како подобрена општа состојба и здравје, па се до подолг животен век. Но, ние не говориме на памет, до такви и слични заклучоци е дојдено и со помош на различни научни студии!
На пример, во 2009-тата година во познатиот Journal of Vascular and Interventional Neurology, била објавена студија со која било докажано дека животот со мачка како милениче го намалува ризикот од појава на мозочен удар!
За време на оваа студија, научниците го мереле пулсот и крвниот притисок на сопствениците на мачки, преку што било докажано дека секојдневната интеракција со мачките навистина смирува. Преку намалување на чувството на постојана напнатост и тензија, се намалува и ризикот за развој на некои заболувања.
Со друга студија, спроведена од Универзитетот во Минесота, било покажано дека животот со овој тип на миленик мошне успешно го намалува стресот и анксиозноста, и последователно го намалува и ризикот од добивање на срцев удар.
Самиот акт на милување на мачето може да го намали нивото на стрес хормоните во крвта, и да доведе до развивање на една интимна врска и чувство на силна поврзаност, љубов и лојалност, а истовремено да го намали и чувството на осаменост.
Мачките се познати по својата лојалност кон сопствениците кои несебично им пружаат безусловна љубов, и без оглед на секојдневните надворешни фактори за стрес, успеваат да го намалат нивото на стрес.
Научниците исто така посочуваат дека мачките секојдневно успеваат да ги оттргнат мислите на сопственикот од секојдневните проблеми. Грижата за нивните потреби обезбедува една неодложна и организирана активност во текот на секој ден, пришто потешко е човек да се загуби во сопствените мисли и да потпадне во состојба на демотивираност и безволност.
Уште од античко време, мачките ги сметале за специјални суштества кои поседуваат натприродни моќи. Тоа донекаде се провлекува и ден денес, некои сопственици на мачки веруваат дека тие имаат уникатна способност да елиминираат најразлични форми на негативна енергија и тоа не само од телото, туку и од просторот во кој престојуваат.
Затоа ако ги сакаш животните, а веќе си преморен од чувството на самотија и живот под стрес, нема веќе зашто да страдаш и да се самосожалуваш. Вдоми си маченце и наскоро ќе сфатиш дека тоа е и една од најдобрите работи кои си ги направил за себе и за своето здравје!