Победи го стресот со пенкало в рака!

Повремено или редовно секојдневно пишување на дневник е еден од најефикасните начини за намалување на стресот.

Тоа е најверојатно така зашто кога пишуваме ние всушност пишуваме за сопствените чувства кои произлегле од случувањата во тек на денот, што е многу слично како да разговараме со некој психотерапевт.

Како дополнителен бонус, пишувањето за сопствените проблеми и стресни ситуации може да те мотивира за да почнеш да размислуваш за можните решенија. Ваквата активност ќе ти го поткрене расположението, бидејќи ќе ти создаде чувство дека полека, но сигурно ќе ја преземаш контролата над проблемите.

Вообичаено, пишувањето на дневник се прави секојдневно, но дури и кога е повремено може значително да го намали стресот доколку фокусот е на изразувањето благодарност или процесирање на емоциите.

Пишувањето понекогаш може да биде и за некој трауматичен или болен настан, и во тој случај помага за потполно да се истражат и ослободат доживеаните емоции.

Следниве здравствени придобивки од пишувањето на дневник се и научно потврдени:

  • Може да ја подобри конгнитивната функција на мозокот
  • Може да ги намали симптомите на астма, артритис и други здравствени состојби
  • Може да го засили имуниот систем
  • Може да го победи стресот и да ги спречи негативните ефекти од него

Некои експерти велат дека иако пишувањето дневник не ја отстранува тензијата од телото како другите анти-стрес техники, но сепак е одлична алатка за себеспознавање и емоционално исцелување.

Ако веќе имаш создадено навика да пишуваш дневник, задржи ја по секоја цена !

Но, ако никогаш не си се обидел да пишуваш на овој начин, знај дека постојат неколку различни начини на кои би можел да го сториш тоа.

На пример, можеш да пишуваш т.н дневник за благодарност, така што секојдневно треба да се обидеш да напишеш барем три или повеќе нешта за кои си благодарен.

На овој начин и во иднина ќе си имаш пишан доказ за убавите нешта од твојот живот на кои со радост би можел да им се навратиш.  Ова е особено корисно во случај на некој иден пад на расположението кога се што треба да направиш е да го отвориш овој дневник и читајќи да се потсетиш на нешто позитивно!