Осум начини како да ја избегнете појавата на брчки на лицето и да ги ублажите постоечките траги на годините. Јадете повеќе риба, повеќе спијте, ставајте маски и редовно чистете го лицето од шминка.
Годините неизбежно остават белег на кожата. Сепак, најмногу ни пречи кога трагите на стареење ќе ги видиме на лицето. Брчките обично прво се појавуваат околу очите, околу устата, челото и образите. Денес постојат многу козметички процедури кои може да ги „испеглаат” брчките на лицето, но не смееме да заборавиме дека и во природата постојат моќни сојузници за младешки изглед. За почеток, изберете крем за лице кој одговара на вашиот тип кожа и редовно нанесувајте го. Ова ќе ви помогне кожата да задржи доволно количество на влажност која што е потребна за спречување или намалување на брчките. Со негување, кожата правилно се храни, а со пилинг се отстрануваат мртвите клетки од кожата.
1. ОДМОР – за да се спречи појавата на брчки, ви треба доволно сон. Додека спиете, вашето тело лачи повеќе хормони, а со тоа и кожата ќе биде повеќе еластична и одморена.
2. СОНЦЕТО – еден од најголемите виновници за појавата на брчки. Луѓе кои се грижат колку време оминуваат на сонце имаат значително помалку брчки од оние кои прекумерно се сончаат. Исто така, важно е во текот на целата година да се користи крема со заштитен фактор. Најдобро ќе биде во овој помалку сончев период лицето да го штитите со крема која има SPF 15 или повисоко. По можност,во составот да има титаниум- диоксид или цинк -оксид, бидејќи тие добро ги блокираат УВА зраците .
3. ВИТАМИНИ – втријте витамин Е директно на местото каде што брчките се најмногу истакнати. Витаминот А помага во обновување на кожата и отстранувањето на површинскиот слој на кожата. Исто така го стимулира обновувањето на колагенот кој ја прави кожата затегната. При купувањето на крем, бидете сигурни дека содржи деривати на овој витамин како ретинол, ретин А и тазоротен.
4. ИСХРАНА – јадете повеќе риба бидејќи содржи протеини кои учествуваат во процесот на регенерација на кожата, а масните киселини и ја враќаат младоста и го намалуваат ризикот од брчки. Во менито треба да вклучете и голем број на свежо овошје и зеленчук, бидејќи тие содржат антиоксиданси кои се важни за младиот изглед на кожата. На пример, папајата благодарение на витаминот Ц, каротинот, есенцијалните минерали и ензимите, одлична е за хидратација и за чистење на кожата. Редовната употреба на оваа храна ќе ја осветли кожата и ќе ги отстрани дамките предизвикани од стареењето. Авокадото е најдобриот природен извор на витамините А, Б, Д и Е, тоа ја прави кожата еластична, и содржи здрави масти кои учествуваат во хидратацијата на лицето. За нега на лицето се употребува и медот, поради тоа што содржи состојки кои ја обновуваат кожата.
5 МАСАЖА – ќе се релаксираат мускулите на лицето и ќе се подобри циркулацијата, а тоа позитивно ќе влијае на еластичноста на кожата и намалувањето на брчките. За масажа може да се користи крем, но и маслиново масло, кои со нежно движење на прстите се втријува од средината на лицето кон надвор.
6. ВЕЖБАЊЕ – и мускулите на лицето треба редовно да се вежбаат за да останат цврсти и затегнати :
– Широко отворете ги очите и затегнете ги сите мускули на лицето. Движете ги очите лево-десно, а по пет секунди, опуштете го лицето. Повторете ја вежбата 3-5 пати.
– Ставете ги рацете на образите, малку притиснете ги, а усните поставете ги како да ја изговарате буквата У. Задржете ја во оваа позиција 10 секунди. Направете десет повторувања.
– Над горната усна нежно со вашиот показалец од двете раце правете мали кругови од средината кон краевите на усните. Вежбата повторете ја неколку пати.
7. ШМИНКА – може да го забрза формирањето на брчките бидејќи навлегува во порите и не и дозволува на кожата да дише. Затоа пред спиење задолжително да го исчистите лицето и да ја отстраните шминката и нечистотии кои се наталожени во текот на денот на лицето. Не претерувајте со пилинг. Грубата ракавица за отстранување на мртвите клетки од кожата треба да ја користите само еднаш неделно и само во комбинација со специјален гел за омекнување. Наместо ракавица, може да се користи и нежен пилинг крем за чувствителна кожа.
8. МАСКИ – знаците на стареење може да се елиминираат или намалат со маски, кои се лесни за подготовка:
– Со мед: добро промешајте две лажици мед и две лажици млеко. Нанесете на лицето, вратот и градите и држете ја 10 минути, а потоа исплакнете со млака вода.
– Од папаја : Излупете и со тапкање нанесете на лицето. Ги отвора порите и на лицето му дава свеж изглед.
– Со жолчка од јајце : во еден сад измешајте една лажица крем за лице и една жолчка од јајце. Нанесете со четка на лицето, вратот и деколтето. Држете ја 10 минути, а потоа отстранете ја со марамче и исплакнете ја со топла вода. Оваа маска се препорачува за отстранување на дамки и флеки.
– Со маслиново масло : во сад измешајте сок и изрендана кора од еден портокал и една лажица маслиново масло. Со добиената смеса измасирајте го лицето, вратот и деколтето. По пет до 10 минути, исплакнете ја со топла вода.
– Од авокадо : исчистеното авокадо изгмечете го и со чисти прсти втријте го на лицето. По 10 минути, исплакнете ја маската со млака вода.