Полифенолите се соединенија кои ги има во грозјето, чајот, црвеното вино, какаото и кафето. Флавоноидите се вид на полифеноли. Според многу истражувања, постои врска помеѓу внесената количина на флавоноиди и ризикот од Алцхајмерова болест и воопшто ризикот од деменција. Од една страна, умерена количина на алкохол може да помогне во спречувањето на Алцхајмеровата болест, од друга пак, прекумерна количина на алкохол се смета за една од причините за деменција.
Слично, и чајот во умерени количини функционира како заштитник и помага во спречување на когнитивното нарушување што доаѓа заедно со стареењето. Но прекумерната количина на полифеноли во чај (концентрирани во некои додатоци) имаат негативен ефект на клетките.
Чоколадото нема негативно влијание кога се конзумира во поголеми количини (освен ризикот од зголемена тежина се разбира). Какаото, кое е богато со флавоноиди, се поврзува со зголемен крвоток во мозокот и може да помогне да се спречат оние состојби кои се резултат на намален крвоток во мозокот (како деменција или мозочен удар).
Истражувачи од Норвешка и Велика Британија ги разгледуваа ефектите на редовната конзумација на флавоноиди врз функцијата на мозокот. Истражувањето беше спроведено со 2000 жени и мажи на кои им беше земена во предвид исхраната во една година со посебно внимание на чоколадо, виното и чајот. Потоа на сите нив им беа зададени тестови за да се процени функционирањето на мозокот. Истражувачите открија дека оние кои што ги конзумирале сите три производи богати со флавоноиди (чоколадо, вино и чај) покажале подобри резултати на когнитивните тестови за разлика од тие кои не конзумирале ниту еден од овие прозиводи. Што поголема количина од овие производи била внесена толку подобри биле резултатите.
Се разбира, ова не значи дека можете да јадете колку сакате чоколадо и да пиете колку што можете повеќе вино, но значи дека внесувањето на умерена количина на чоколадо, вино или чај може да ви помогне да го заштитите мозокот од некои ефекти на стареењето. Па повелете: напијте се чаша вино со вечерата и изедете некое добро чоколатце. Ако е со мерка, може да бидат добри за мозокот.