Промисленото јадење е најдобрата диета

Прва мерка против главоболка на работа е шолја кафе, благото се наоѓа при пад на концентрација, додека брзата храна одлично ги смирува сетилата во услови на разбеснети ПМС хормони. Ние луѓето имаме изострен слух кога станува збор за потребите на нашиот организам, единствено не знаеме да процениме кога сме сити или кога навистина сме гладни. Потребата за грицкање, добриот познат вкус и самата помисла за дружење со храната ја поврзуваме со глад, а реално гладен е само мозокот, не и стомакот.

Од друга страна, уморот и стресот поттикнуваат покачување на нивото на хормонот кортизол, кој по некоја случајност го поттикнува гладот. Со други зборови, колку сте поуморни или под стрес толку повеќе ќе сакате да јадете. Според студијата на Obesity Research, луѓето кои имаат тенденција да им се препуштат на овие сигнали имаат поголеми шанси да се здебелат.

ЈАДЕТЕ СО МОЗОКОТ

Решението лежи во свесното јадење, а тоа значи да водите сметка што голтате, дури пред да го ставите залакот во уста и во текот на консумирањето на целиот оброк. Ако одеднаш почувствувате силна потреба да проверите што има во ладилникот, застанете и запрашајте се како се чувствувате? Можеби сте под стрес или сте уморни или некој ве навреди? Ако успеете да заклучите дека потребата за благо е само реакција на стресот што го чувствувате во моментот, ќе заклучите и што навистина му треба на вашето тело во моментот. Можеби прошетката е подобра солуција од чоколадата. Во неодамнешната студија на Kent State универзитетот, истражувачите открија дека тактиките за свесно јадење значајно го покренале чувството на ситост кај луѓето после оброк. Друга студија потврдува дека луѓето кои после држењето диета сѐ уште продолжиле да ги применуваат тактиките за свесно јадење, продолжиле да губат килограми. Неодамнешната студија објавена во магазинот Emotion, сугерира дека колку посвесно јадете толку повеќе ќе им одолеете на шеќерните искушенија.

ЈАДЕТЕ БАВНО

Лекцијата за совесно јадење би требало да ја стартувате со откажување од импулсивното, избезумено бутање храна. Лесен начин за да одржувате нормално темпо: Оставете го приборот и ставете ги рацете во скут помеѓу залаците. Со тек на време ќе ви стане навика да џвакате бавно, па слободно ќе може да ги држете рацете горе.

ПОСЛУЖУВАЈТЕ ЈА ХРАНАТА

Кога јадете директно од ќесата чипс, најверојатно нема да сопрете додека не ја испразните и нема да знаете колку сте изеле. „Луѓето внесуваат многу повеќе калории кога не се фокусирани на храната“, вели Lesley Lutes, професор по психологија на East Carolina универзитетот. „Гледајќи ја храната и големината на порцијата, ќе ви помогне да се заситите побрзо“. Па без оглед колку многу или колку малку јадете, користете чинија или сад. Уште еден трик: Оставете малку храна во чинијата. По извесно време, ќе го условите мозокот и телото да престанат да целат кон празна чинија, бидејќи стомакот е полн.

ОТСТРАНЕТЕ ГИ ПРЕЧКИТЕ

Живеевме во свет во кој способноста за мултитаскинг е носечка особина во резимето. Но јадењето додека работите (одговарате на мејлови) е ризик да внесете повеќе од потребното. Студијата во American Journal of Clinical Nutrition откри дека луѓето кои играле карти на компјутер за време на ручек, се чувствувале помалку сити за разлика од луѓето кои јаделе посветено, без било што да им го одвлекува вниманието. Оние првите изеле и повеќе колачи иако им биле понудени само половина час подоцна. Заклучок: Консумирајте ја храната со сите сетила, исклучете го телевизорот, компјутерот, поклопете ја книгата.

КРИТИКУВАЈТЕ ЈА ХРАНАТА

Забележувајте ги вкусовите, не во стилот солено или благо, туку различните нијанси на вкусови и колку ве задоволува секоја намирница. На пример, кога ќе гризнете зрно грозје и како устата ви се полни со сок. Ако одеднаш пикнете во уста десетина зрна, ќе ја пропуштите сензацијата. Обрнете внимание на текстурата на храната, мирисот и мислите што се нижат додека јадете.