Помалку познати совети за да ја победите несоницата

По дефиниција, несоницата е неможност на човекот да заспие. А откако ќе заспие, тој се соочува со потешкотии да го одржи сонот. Резултатот? Недостиг на волја да се издржи денот и сите перипетии што тој ги подразбира. На долг рок, несоницата предизвикува низа хронични заболувања, како дијабетес, кардиоваскуларни проблеми и депресија.

Нема човек кој не се соочил со несоница, всушност несоницата потсетува на пандемија со која се соочуваат стотици милиони луѓе ширум светот. За да биде еднократна, клучно е да не си создадете притисок да заспиете, во спротивно ќе западнете во магичниот круг од кој тешко се излегува.

После една непроспиена ноќ, обидете се со советите во продолжение:

Изразете благодарност

„Број еден тактика што сум открила дека помага за полесно да заспиете? Едноставната вежба на изразување благодарност“, вели д-р Нерина Рамлахан, основач на клиниката за спиење во рамки на „Nightingale“ болницата во Лондон. Штом појдете во кревет, помислете на 5-те убави нешта што ви се случија дента. Тоа не мора да е кој знае што, и вкусниот оброк може да се вброи во листата. Набројувањето на нештата што ве усреќиле инстантно го намалува нивото на стрес.

Не создавајте си притисок да заспиете

„Колку повеќе се форсирате да заспиете, толку помали се шансите навистина да потонете во сон“, вели д-р Нерина Рамлахан. Кажете си: „Не е важно што нема да спијам вечерва, ќе го искористам времето за да одморам“. Штом се ослободите од притисокот дека мора да заспиете, дека времето тече и едноставно ја прифатите несоницата, сонот ќе настапи побрзо отколку што очекувате.

Станете од кревет и прошетајте си низ дома

Сѐ уште се превртувате? Новата студија на медицинското училиште на Харвард, потврди дека 20 минутната прошетка низ домот или во друга соба, освен онаа каде што спиете, ќе го забрза времето што ви е потребно да потонете во сон. Залудно само ги туткате чаршафите, едноставно напуштете го креветот! Со сигурност ќе се вратите порелаксирани и помалку притиснати од несоницата.

ДИГИТАЛНИ ЗАМКИ – како да ги прескокнете најголемите препреки на сонот?

Не проверувајте мејл пред легнување

Постои јасна врска помеѓу сеприсутните паметни телефони и покачениот проблем со инсомнијата. Читањето мејлови доцна навечер ќе ве натера да почнете да се грижите за сѐ што треба да сработите следниот ден.

Без сина светилина во соба

Електронските гаџети емитуваат светлина со куса бранова должина кои влијаат на продукцијата на мелатонин – хормонот за спиење, тврдат од „Европското друштво за истражување на спиењето“. Исклучете го мобилниот, таблетот, телевизорот и полесно ќе се исклучите себеси.

Заборавете на апликациите за спиење

„За да почнете да спиете, треба да престанете да мерите, множите и делите,“ вели  д-р Нерина Рамлахан. Мобилните апликации премногу го потенцираат процесот на заспивање, а тоа го зголемува притисокот. Не заборавајте, спиењето е природен процес, инстинкт. „Нормално е да се разбудите во текот на ноќта, но ако во тој момент го грабнете телефонот, мозокот ќе се вклучи, а сонот ќе замине“, советува д-р Нерина Рамлахан.