Крем од кефир – вкусен и лесен

Крем од кефир, вкусен десерт за жешките летни денови, можете да го подготвите  за околу дваесет минути. Нежен, кисело млечен крем, лесен, со малку калории од кефир (пијалак на долговечноста и здрав млечен производ) – одличен е и  за деца и за возрасни.

Крем од кефир. Рецепт.

За да се подготви овој десерт (4-6 порции) ќе ви треба:

– 0,5 л кефир (или јогурт)

– 1 кисела павлака

– 10 г  желатин

– 5 лажици шеќер

– 1 кесичка ванилин шеќер

– За декорација крем (по Ваш избор): какао, цимет, рендано чоколадо, плазма кекс, свежо овошје, итн.

Подготовка на крем:

За почеток, потопете го желатинот во вода. Оставете го десет минути за да набабри. За ова време,  измешајте го кефирот (јогурт), павлаката, шеќерот и ванилиниот шеќер. Мешајте додека шеќерот да се раствори.

Желатинот ставете го на водена пареа да се раствори (2-3 минути). Во тенок млаз истурете го растворениот желатин во претходната мешавина, мешајќи постојано желатинот рамномерно да се распореди во смесата.

Ставете го во фрижидер да одстои половина час. За тоа време, кремот почнува да се згуснува . Отстранете го садот од фрижидерот и изматете го со миксер. Кремот ќе стане мек и благо зголемен во обем.

Распределете го кремот во чаши или мали чинии, декорирајте го по желба и ставете го во фрижидер на 3-4 часа.

Ако немате  можност, или не сакате да го матите со миксер, можете веднаш да го распределите во чаши. Така ќе биде подеднакво вкусен.