Како бебето се подготвува за проодување?

Во текот на првата година од животот, бебето е ангажирано со развој на координација и сила на мускулите на целото тело. Тоа ќе научи да седи, да се првртува и да ползи пред, а веќе во осмиот месец и да научи да станува и да стои. Од тој момент, најважно е да стекне самодоверба, односно смелост и да постигне рамнотежа. Повеќето бебиња својот прв чекор го прават помеѓу деветиот и 12. месец, а убаво одат во периодот кога ќе наполнат 14-15 месеци.

Не грижете се ако на вашето дете за проодување му е потребно малку повеќе време. Сосема нормални и здрави деца, не се снаодливи со одењето се додека не наполнат 16, па дури и 17 месеци.

4 месеци

Како почнува да се интересира за работите што го опкружуваат, почнува и се поголема активност кон крајот на четвртиот месец. Бебето почнува да се врти на страна, рамнотежата се уште не е воспоставена, па главно брзо се враќа на грб.

5 месеци

Со пет месеци, бебето прв пат почнува волно да се врти, при што се активираат косите стомачните мускули. Нозете веќе не одат истовремено, како во фазата на превртување, туку горната останува свиткана, додека долната нога се повеќе се испружува. Ова е фаза на диференцијација на нозете, која е предуслов за правилен од.

8 месеци

Околу овој месец, бебето веројатно ќе се обиде да се исправи додека се држи за мебелот. Кога ќе биде во состојба на кратко да го пушти и да стои без придржување, ќе се обиде да направи самостојни чекори или да ги дофати играчките од стоечка положба.

10 месеци

Во овој месец, бебето ќе почне да учи како да ги витка колената и како да седне по станувањето.

11 месеци

Од 11. месец бебето главно веќе може самостојно да оди, да се наведува и да чучнува. Може и да оди кога силно ќе се фати за вашата рака, иако најверојатно нема да направи само први чекори, барем уште неколку недели.

13 месеци

Со 13 месеци, поголем дел од децата веќе одат сами, иако нестабилно и несигурно. На некои деца им е потребно повеќе време за самостојно проодување.