Хроничен замор, болест на модерното време

Иако Светската здравствена организација хроничниот замор го вброи во официјалната листа на заболувања од кое страдаат милиони луѓе низ целиот свет, овој проблем се уште не се сваќа сериозно.

Статистиката покажува дека необјаснивото губење на енергија кое ги ограничува секојдневните активности и не поминува ни после одмарањето, најмногу ги погодува жените, а во последно време се повеќе се појавува кај мажите, па дури и кај децата.

Оваа состојба е проследена со повеќе симптоми кои се појавуваат и исчезнуваат спонтано: малаксаност, губење на помнењето и концентрацијата, главоболка, болки во грлото, зголемени и болни лимфни жлезди на вратот или под пазувите, необјасниви болки во мускулите, како и болка која се преместува од едниот до другиот зглоб ( без црвенило или оток) несоница и екстремна исцрпеност која трае повеќе од 24 часа.

Лицата кои страдаат од хроничен замор често имаат проблеми со варењето во форма на болки во стомакот, надуеност или пролив. Во некои случаи се појавуваат и алергии или преосетливост на некои производи, мириси, хемикалии или лекови, вртоглавица, несвестица, сува уста, болки во ушите, градите или вилицата, аритмија, утринска вкочанетост на зглобовите, мачнина и ноќно потење. Меѓу симптомите кои може да се јават како последица на хроничниот замор се и депресија, анксиозност, напади на паника, отежнато дишење, замаглен вид, осетливост на светлина, болки во очите, како и ненадејното губење или покачување на телесната тежина.

Причинители

Експертите сметаат дека главните причинители на хроничниот замор се: стресот, анемијата, депресијата, хипогликемија (ниско ниво на шеќер во крвта), алергиите, вирусните инфекции, неправилно функционирање на имунолошкиот систем, хормонски нарушувања, низок крвен притисок и авто – имуни болести.

Оваа состојба може да се јави и како придружник на некои болести, како што се артритисот, нарушено спиење, хепатитис, леукемија и рак, или како последователен ефект на одредени лекови .

Хроничниот замор понекогаш го предизвикуваат и токсините кои во организмот ги внесуваме преку храната, водата или воздухот. Тоа значи, кога ќе ја надминат границата која организмот може да ја толерира, доаѓа до опаѓање на имунитетот, а всушност тоа е причината за различни здравствени проблеми.

Токму  поради оваа причина, се препорачува барем еднаш годишно да се врши чистење или детоксикација на организмот.