Пеленски дерматитис

Се појавува околу местото што ја зафаќа пелената, и тоа најчесто како резултат на нередовно менување на пелената, одолжен контакт со урина и со фецес, начин на исхрана, триење, повеќе од три столици дневно, употреба на антибиотици, инфекции…

ancevski logo

Пеленски дерматитис e воспалена кожа во регијата што е покриена со пелена кај доенчиња и мали деца со преваленција од 7 до 35 отсто. Околу 80-90 отсто од децата во развиените земји носат пелени за еднократна употреба и 50 отсто од нив добиваат иритативен или пеленски дерматитис предизвикан од Candida albicans. Користењето пелени за еднократна употреба почнува од 1950 г. и оттогаш е регистрирана зачестеност на дерматитис кај доенчињата.

ПРИЧИНИ

Пеленскиот исип е нормален дел од бебешкиот живот. Сите бебиња понекогаш имаат пеленски исип. Ако ја земеме предвид чувствителната бебешка кожа, користењето на влажните марамчиња и сите хемикалии што ги содржат, пелените што се секојдневно влажни од урината на бебето и постојано се тријат од самата кожа, нема да биде тешко да претпоставиме од каде се појавува пеленскиот исип.
Се појавува околу местото што ја зафаќа пелената, и тоа најчесто како резултат на нередовно менување на пелената, одолжен контакт со урина и со фецес, начин на исхрана, триење, повеќе од три столици дневно, контакт со хемикалии (детергенти, омекнувачи, лосиони сапуни, влажни марамчиња и самите пелени), употреба на антибиотици, инфекции… Влажната средина во пелената е добра средина за развој на бактериски и габични инфекции, алергија на пелени…
Детето со пеленски дерматитис е раздразливо и плачливо, особено кога се допира или се брише кожата под пелената. Честа компликација на пеленски дерматитис е инфекција со кандида. Кожата е со црвени отечени печати што ги зафаќаат и превоите. Присутни се и везикули и гнојници. Може да биде изразено со благо црвенило, па да премине во точкест исип, кој може да доведе до здебелена кожа проследена со гнојни рани. Кожата е топла, се лупи, местото е болно на допир, што пак се должи на изложеноста на кожата на бактерии и габи, кои постепено можат да ја влошат состојбата на самата кожа. Пожелно е секогаш кога ќе се забележат ваквите промени кај бебето да се обратите кај дерматолог или педијатар, за да може правилно да се дијагностицира причинителот што довел до влошување на состојбата и да се примени соодветен антигабичен крем или антисептик што ќе дејствува врз габата или врз бактеријата.

СОВЕТИ

Пеленскиот дерматитис е многу честа состојба кај малите деца. Проактивен пристап што цели на предиспонирачките фактори е најдоброто оружје против пеленскиот дерматитис.
Мерките што може да ги примени секоја мајка за да се смири кожата кај бебето се следниве:

  • Често да се менуваат пелените и се чува кожата сува.
  • Употребa на заштитен крем со цинк за да се спречи кожна иритација.
  • Исплакнете го делот под пелената при секое менување со млака вода и благ сапун и убаво исушете ја и проветрете ја регијата пред да се стави следната пелена.
  • Користење пелени што ја впиваат влагата.
  • Избегнувајте тесни пелени што задржуваат влага.
  • Избегнување продукти што ја иритираат кожата (алкохол, мириси, дeтергенти).
  • Да се избегнува користење пудри со талк, кои ја промовираат габичната инфекција.
  • Избегнувајте хигиена со влажни марамчиња, пожелно е чистење со млака вода и стерилна газа или памук и секогаш добро исушена кожа пред нанесување нова пелена.
  • Пеленската регија оставајте ја почесто откриена.
  • При секое менување пелена премачкајте ја зафатената кожа со тенок слој крем наменет за ваков тип промена, за да се создаде заштитна бариера меѓу кожата на бебето и столицата и урината што се собираат во пелената.

    Aneta-1

Д-р Анета Кокалеска Петрушевска
Спец. дерматолог

Дерматолошко естетска ординација „Д-р Анчевски“
Закажете третман: 02 / 321 66 08