Како правилно да го дефинираме најповолниот момент за зачнување?
Ако прашате неколку жени, најверојатно ќе добиете различен одговор од секоја од нив. Некои од општите верувања се дека жените се фертилни во текот на целиот месец, со исклучок на менструалниот период. Други веруваат дека забременувањето е можно до седум дена откако ќе заврши циклусот.
Всушност, само околу пет дена во секој месец жената е фертилна. Најфертилните денови (кога шансата за забременување е најголема) од Вашиот циклус се денот пред овулацијата и денот на овулацијата.
Секоја жена има потреба од метод за пресметување на денот на овулација. На овој начин може да процени кои се најверојатните денови за зачнување.
Методите за утврдување на овулацијата се неколку:
* Календарски
* Температурен
* Следење на текстурата на цервикалната слуз (само со овој знак не може да се суди дали е настаната или не овулацијата)
* Домашен тест за овулација.
Тестовите можат да бидат особено корисни ако имате нејасна температурна графика или неправилна менструација.
Времетраење на циклусот значи број на денови од почетокот на менструацијата до денот пред следната менструација. Кај повеќето жени времетраењето на циклусот е просечно 28 дена.
Овулацијата настапува помеѓу 10от до 14от ден (просек 14 дена) пред крајот на циклусот. Овулацијата е процес на создавање на фоликул во јајниците на жената, како резултат на што се ослободува достојна за оплодување јајце-клетка. Времетраењето на овулацијата трае 1 – 2 дена, а ослободената јајце клетка може да живее само од 12 до 24 часа, за разлика од сперматозоидите кои живеат во репродуктивниот тракт и до 5 дена.
Важно е да знаете дека со секој циклус не мора да има и овулација. Сосема нормално е на секои 13 циклуси да има еден ановулаторен – циклус.