Рен, природен антибиотик

Иако многумина го избегнуваат поради лутината која ви ги насолзува очите и ви го запира здивот, ренот спаѓа во групата на многу полезни зеленчуци чиј свеж корен може да се користи во текот на целата година.

Освен што се користи изрендан и зачинет во исхраната, се применува и во козметиката, а неговите лековити својства се надалеку познати. За болестите на белите дробови, бронхиите и во одбраната на организмот од вируси нема поефикасен лек од сирупот од рен. Се прави на тој начин што во изренданиот рен ќе додадете мед, масата добро ќе ја изгмечите, ќе исцедите густ сок на кој ќе му додадете малку вода и ќе го сварите, повторно ќе го процедите и на крај ќе му додадете малку овошен сок за да го подобрите вкусот. Без оглед на неговата лековитост, треба да знаете дека повеќе од 80 милилитри сок од рен предизвикува повраќање, додека 15 до 20 гама семе варено во вода може да предизвика повраќање и дијареа.

Исклучителен стимулатор е на органите за варење поради тоа што желудочните и цревните жлезди ја зголемуваат активноста и лачат повеќе секрет, а делуваат и на обновувањето на оштетените корисни бактерии во цревата. Во мали дози сокот од рен ги уништува бактериите на салмонелата, дизентеријата и гнојните бактерии, а со пиењето 20 капки три пати на ден ќе се ослободите и од  проблемот на подуеност, дијареа и забавен метаболизам. Исто така ренот ја зајакнува работата на црниот дроб и жолчката и е препорачлив за исфрлање на камен и песок од бубрегот.

За здравјето на срцето и крвните садови се препорачува двомесечна терапија со мешавина од по пет супени лажици рен и морков, сок од три лимони и две чаши мед. Оваа мешавина се зема три пати дневно, еден час пред оброк. Освен што е чистач на крвта, ренот ќе го отстрани хроничниот замор, кашата ќе ви помогне да се ослободите од силната главоболка, а ќе ви помогне и доколку страдате од дијабет. Со облоги од тинктура од рен ќе се ослободите од гнојни рани, болки и отоци, а ќе ги намалите и симптомите на реума.

Освен што е исклучително здрав, тој ќе ве ослободи од пеги и исипување од сонце, мозолчиња и акни, благодарение на оцетот кој се прави на тој начин што 50 грама рендан рен осум дена се чува во литар вински или јаболков оцет. Познавачите на кулинарството тврдат дека вака подготвениот оцет е исклучително вкусен зачин за салати.

Ретко која гозба може да помине без печење прелиено со сос од рен и кисела павлака, а карактеристичната арома им дава и на пушената риба, шунката, вареното месо, колбасите и салатите. Она што многумина не го знаат е дека ренот треба да се лупи на што потенки лушпи, а пред рендањето коренот треба да се остави да отстои 24 саати со цел да се сочуваат сите корисни состојки.