Христијаните насекаде во светот го празнуваат Христовото раѓање. Католиците го прославуваат на 25 декември, додека пак Православните на 7 јануари. Типично за овој празник е Божиќната вечера која го сплотува целото семејство.
Православните христијани обично се собираат на Бадник, кога го кршат традиционалното бадниково лепче. Бадниковата трпеза е всушност посна трпеза која што го означува крајот на 40 дневните пости. На неа, по некое непишано правило треба да има и солени и благи јадења и се смета дека колку побогата е трпезата, толку побогата ќе биде и годината.
За католиците, мисирката се смета за вообичаен Божиќен специјалитет, која на менијата се има појавено на средината на 16тиот век. Претходно на Божиќните трпези актуелно било свинското месо, месото од лебед, паун и гуска.
Божиќната вечера или ручек во другите култури е многу поразлична.
Во Австралија Божиќните празници настапуваат за време на летото. На ручеците се консумира скара, најчесто стек, а како десерт се јаде сладолед. Многу често се случува божиќните оброци да се организираат на плажа.
Финската Божиќна вечера е проследена со макарони, моркови, компири, репка, шунка или мисирка. Чинија полна со мешавина од месо и риба е доста популарен оброк во Финска. По традиционалниот оброк, целото семејство оди во сауна, а потоа се посетуваат гробовите на блиските.
Германците преферираат месо од гуска со компири, зелка, морков, риба и кисели краставички. Оброкот обично се практикува за Бадник.
На Гренланд пак, за Божиќ се консумираат морски птици, кои наликуваат на пингвини, завиткани во кожа од фока.
Во Чешка традиционалната вечера се случува на Бадник, а се служи рибни чорби, салати, јајца и крап.
Италијанците практикуваат 7 Божиќни оброци, вклучувајќи предјадење, тестенини, печено месо, два вида салати, пудинг, потоа сирење, ракија и чоколадо.
Традиционалната Божиќна вечера во Јамајка вклучува ориз, грашок, пилешко, говедски опаш и кожа.
Литванците за Божиќ подготвуваат грашок во сос од сланина, пита, зелка и колбаси.
Божиќните менијата во Норвешка вклучуваат бакалар, кременадли, мелено месо и специјални божиќни колбаси.
Специјалитет за Божиќ во Португалија е сув бакалар и варен компир. Оброкот се консумира на полноќ на Бадник.
Руската божиќна трпеза изобилува со колачи, пити и кнедли од месо.
Во Јужна Африка Божиќните празници се прославуваат за време на летото каде традиционално вечерата вклучува мисирка со зеленчук.
Божиќниот оброк во Шведска вклучува школки, свинско, риба, кавијар, сирење и кафеав грав.
Додека пак, најчест избор во Велика Британија се Божиќните пудинзи и питите.
Американците за Божиќ приготвуваат мисирка, гуска, зеленчук, тиква и пита.
Александра Малова