Од некои видови на стрес можете да се разболете, од други ќе станете посилна личност. Каков стрес вас ве погодува? Откријте го тоа пред да ја достигнете критичната точка!
Бројните истражувања покажуваат дека нивото на стрес се зголемува во секоја наредна декада. Денес, просечниот студент го чувствува истиот степен на напнатост како психијатриски пациент во раните педесетти години од минатиот век. Со други зборови, стресот на кој се изложени мнозинството од луѓето, и тоа секојдневно, пред неколку децении беше причината поради која луѓето бараа помош од психијатар. Истражувањата покажале дека жените се почувствителни на стрес од мажите. Причината? Поемотивни се и имаат изострена ментална концепција. Всушност, женскиот мозок е како ментален блендер – ги собира сите податоци и бескрајно ги преработува проблемите во главата.
Измерете го своето ниво на стрес :
Имавте лош ден на работа
Стрес-о-метар : 4
Ова е типичен пример за тоа што специјалистите го нарекуваат акутен стрес- состојба која моментално ќе ве извади од такт, но нема многу да ве чини. Акутниот стрес го забрзува пулсот и дишењето, го покачува крвниот притисок и предизвикува зголемено лачење на хормонот на стрес во организмот.
Ваквата реакција еволутивно е оправдана, бидејќи им користела на нашите дамнешни предци да ги избегнат опасните моменти и да си го сочуваат животот.
Имате лош ден на работа…секој ден
Стрес-о-метар : 9
Ако еден лош ден се претвори во секојдневен, тогаш ќе се соочите со хроничен стрес, кој може да предизвика потешки последици за организмот. За време на хроничниот стрес нивото на адреналин и кортизол постојано се зголемени. Таквата состојба може да предизвика депресија, несоница, хипертензија и кардиоваскуларни заболувања. Всушност, експертите сметаат дека стресот е директен или индиректен причинител на дури 80% заболувања. За жал, не постои систем во организмот на кој стресот не влијае.
Со текот на времето, високото ниво на кортизол може да го ослаби имунолошкиот систем, а како резултат на тоа послаба е и ефикасноста во одбраната на организмот од разни болести. Британските научници открија дека стресот и покрај тоа што секогаш не е причинител за појава на канцер, сепак го зголемува ризикот од оваа болест кај жените кои работат под голем притисок за дури 20%.
Недостаток на пари
Стрес-о-метар : 8
Грижата поради кредитите и другите видови на задолжувања, како и тешкотиите во пронаоѓањето на соодветна работа, не исчезнуваат преку ноќ, па стресот кој таа го предизвикува најчесто станува хроничен, значи нездрав. Тоа што најмногу го нарушува општото здравје е чувството на беспомошност, кое може да се надмине со позитивен пристап кон проблемот и изнаоѓање на практично решение.
Прекин на емотивна врска
Стрес-о-метар : 6
И покрај тоа што предизвикува интензивни чувства, прекинувањето на емотивната врска, сепак е епизода на акутен стрес. Во овој случај постојат почеток и крај, а кога тоа емотивно ќе го надминете, престанува штетното влијание и на физичкото здравје.
Се разбира доколку сте биле во брак, или сте живееле заедно со партнерот, дополнителната напнатост поради селењето, законската постапка и решавањето на останатите практични проблеми ќе го зголеми притисокот и ќе го продолжи периодот на емотивно закрепнување. Воопшто не е необично ако разделбата или разводот предизвикаат кратка, но интензивна депресија. Меѓутоа, секоја жена е различна. Брзината на закрепнување зависи од отпорноста на вашето тело и ум, како и од останатите стресни моменти во вашиот живот.
Смрт на блиска личност
Стрес-о-метар : 10
Смртта на близок пријател или член на семејството во техничка смисла претставува привремен стрес. Но, бидејќи чувството на тага е интензивно, а потребно е и многу време за да се надмине болката, често се претвора во хронична, нездрава вознемиреност. Всушност, било кој вид на долготраен стрес, поради кој се чувствувате немоќно, безнадежно и поразено, може штетно да влијае на психо-физичкото здравје.
Важна презентација/работен состанок
Стрес-о-метар : 1
И покрај тоа што соочувањето со група на луѓе, можеби со спротивни мислења, делува како голем стрес, експертите велат дека тоа го сметаат за здрав притисок.
Корисен стрес е оној стрес кој влијае на развојот на личноста и самодовербата.
На пример, тоа може да биде полагање на испит за возачка дозвола. Во почетокот ќе чувствувате силен стрес. Зголемено ќе се потите, ќе ви се суши устата, срцето забрзано ќе чука…Меѓутоа, покачувањето на адреналинот и кортизолот во вашите вени ќе ја зголеми вашата ефикасност и ќе ве направи за кратко посилни, побрзи и ментално појаки.
Доцнење
Стрес-о-метар : 2
Дали поради тоа срцето брзо ќе ви чука? Да. Дали хормоните на стресот ќе кружат низ телото? Да. Сепак овој проблем е навистина минлив и краткотраен, па затоа ќе се вратите во нормална состојба за само неколку минути, а не после неколку дена или недели.
Но, доколку секогаш доцните на работа, на состаноците, на преглед, во театар или кино, тогаш тоа е друга работа. Проблемите со организирањето на времето исто како и парите, можат да станат нездрав, хроничен извор на стрес. А доколку денот го започнете со доцнење на работа, тогаш шансите во тој правец да продолжи во текот на денот се многу големи, а тоа ве воведува во многу штетен волшебен круг.
Што треба да сторите кога стресот ќе стане алармантен?
Можеби чувствувате дека подолго време сте под стрес, но во која мерка тоа влијае на вашето здравје? За да го откриете тоа мора да го слушате вашето тело. Ако забележите дека често ве боли главата или ве мачи несоница, тогаш мора веднаш да реагирате, да се опуштите или во спротивно ќе почувствувате големи последици по здравјето. Во втората група типични знаци за стрес на организмот спаѓаат акните на лицето, болки во грбот, заборавеност, мачнина, па дури и осип.
И, посветете внимание на својата емотивна состојба. Без разлика на тоа што сметате дека можете да поднесете повеќе, доколку и најмала ситница ве исфрли од рамнотежа, или ако се најдете во состојба на губење на контролата во повеќе сфери на животот, тогаш треба да побарате помош од психолог или психијатар.
Постојаното чувство на вознемиреност може да биде знак за клиничка депресија или нарушено внимание, а за тоа е неопходна психијатриска помош. Во секој случај, доколку сметате дека вашето здравје е изложено на стрес, а не сте во состојба сами да се изборите со тоа, задолжително обратете се на лекар.