Анорексијата и булимијата најчесто се поврзуваат со жените, меѓутоа најновите истражувања потврдија дека кај мажите, особено оние кои се опседнати со желбата за совршено тело, може да се јави нарушување во исхраната. Канадските истражувачи забележале дека околу 25% од пациентите се од машки пол, а бројката константно расте. Исто така забележано е дека голем дел од геј популацијата боледува од овие нарушувања, причината е во тоа што се преокупирани со својот изглед.
Анорексијата обично се развива во младоста, на возраст меѓу 14-18 години . Анорексијата е плод на намерно гладување со цел да се изгубат вишокот килограми. Личностите кои боледуваат од анорексија имаат околу 15 килограми помалку од идеалната тежина и имаат константен страв од дебелина дури и кога се претерано слаби.
Терминот анорексија значи губење на апетитот, меѓутоа реалноста е дека лицата не го губат апетитот, туку константно се гладни и преокупирани со мислење на храна. Колку повеќе губат тежина, толку повеќе болеста напредува, а телото добива физички и психички последици, вклучувајќи депресија, недостаток на концентрација и раздразливост, кои се директни последици од гладот.
Од друга страна, булимијата е застапена кај лица кои се во дваесеттите години од животот. Лицата кои боледуваат од булимија неконтролирано многу јадат, а потоа повраќаат, користат лаксативи и диуретици, со цел да го спречат дебелеењето.
Лицата кои боледуваат од овие нарушувања се максимално незадоволни од својот изглед и тежина, поради тоа немаат самодоверба. Доколку некое лице повраќа најмалку два пати во текот на неделата, и сето тоа трае минимум три месеци, значи дека пати на нервна база од булимија.
Анорексијата и булимијата се психички нарушувања, кои резултираат со физички проблеми. Последиците од анорексијата се многу сериозни, лицата освен што го губат апетитот, туку и драстично го намалуваат мускулното и коскеното ткиво, косата им опаѓа, имаат намален крвен притисок и споро им чука срцето, имаат анемија, сувата кожа, болките во абдоменот се само дел од последиците кои се јавуваат.
Лицата кои патат од булимија имаат зголемено лачење на жлездите, тоа се случува поради честото голтање на храна, имаат гребаници по рацете поради честото ставање на прстите во уста со цел да ја повратат храната (Руселов знак), потоа имаат аритмија на срцето, лошо работење на штитната жлезда, оштетување на хранопроводот и жолчката, испукани очни капилари и осетливи црева.