Секоја сезона диктира нов тренд на фризури. И нема ништо лошо во следењето на тие трендови се додека сме свесни за годините кои ги носиме.
Во познатата реченица „како ни минуваат годините косата треба да ни станува се покуса, а фустанот се подолг“ има голема доза на вистина. Фризурата во голема мера може да ни додаде десетина години повеќе отколку што имаме или барем за толку да направи да изгледаме помлади. Една тинејџерка многу лесно може да заличи на сериозна „тетка“ со својата дамска пунџа на главата. „Ладните фризури“ подеднакво прават да изгледаме постари.
Рамната коса со шишки (иако годинава не е модерна) визуелно „одзема“ десетина години, па затоа е и една од фризурите кои најмногу се препорачуваат на жените кои навлегле во петата и шестата деценија од животот. Сепак, за да ја „носите“ оваа фризура би требало да имате издолжена форма на лицето. Дамите со природно заоблена форма на лицето, но и оние покрупните, нема да го постигнат младешкиот ефект од оваа фризура, односно таа наместо да им „одземе“ од годините само ќе им „додаде“ неколку килограми повеќе.
Со желба да изгледаат помладо некои се определуваат за фризурата со кикички со која на 40+ многу веројатно е дека ќе изгледате детинесто. Но да се изгледа детинесто на таа возраст повеќе асоцира на тоа да се изгледа „будалесто“ отколку на визуелно помладо. Плетенката е совршено решение за подмадување на сите оние кои имаат округло (заоблено) лице. Неформално пуштената долга „дива“ коса (со посветли прамени) исто така подмладува.
Кусата коса секако подмладува без разлика на формата на лицето, но според обликот на лицето сепак треба да се одбере фризурата и колку косата би можела куса да биде. Оние кои имаат долгнавесто лице би можеле да си дозволат и суперкратка, па и машка фризура, куса коса со шишки или уште подобро – куса коса со асиметрична форма. На дамите пак со заоблено лице најдобро би им стоела степенесто потстрижаната коса со умерено кратка должина која би можела да биде замазнета на едната страна или високо подигната под темето.
И бојата на косата влијае на визуелното подмладување. Обично русокосите изгледаат помладо од на пример, оние кои имаат светол тен и контрастно темна фризура која вниманието го насочува кон лицето (и брчките). На оние пак со темен тен, за помлад изглед, најдобро би им прилегала боја на косата која е неколку нијаси потемна од тенот. Црвенокосите со светол тен кои можеби во младоста не се воодушевувале на својата природна боја на косата, во позрелите години се во апсолутна предност особено ако косата е средена со покрупни локни.
Избегнувајте го таканаречениот минивал во кој многу жени наоѓаат „практично“ решение за својата фризура, зашто секако визуелно ќе ви додаде неколку години повеќе.