Како да ги победите покачените триглицериди

Познато ни е дека зголеменото ниво на „лош“ (LDL) холестерол и високиот крвен притисок се закана за здравјето на срцето. Но, кога станува збор за здраво срце, не смеат да се заборават и триглицеридите, бидејќи се важен показател за здравствената состојба на овој витален орган.

Триглицеридите се масти, неопходни за одржување на човековиот живот, кои ги има во храната која секојдневно ја консумираме. Кога јадеме, вишокот калории кои телото не ги користи веднаш, ги претвора во триглицериди. Тие се складираат во масните клетки во телото, во случај да му бидат потребни подоцна, при дефицит на храна. Колку и да се корисни триглицеридите за нашето тело, високата вредност може да го влоши здравјето, затоа што може да доведе до атеросклероза која го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и кардиоваскуларни заболувања.

Омега 3

Не се сите масти штетни. Омега 3 масните киселини се „добри“ масти и имаат драгоцено дејство врз човековото здравје.  Омега-3 масните киселини не само што се здрави за вашето срце, туку и можат да ви помогнат во борбата со триглицеридите. Нашиот организам не може да ги синтетизира, па токму поради тоа мора да се внесуваат преку исхраната или суплементи.  Рибата, оревите, лененото семе и лененото масло се одлични извори на омега-3 масни киселини.