Рак на дојка, матка, простата без симптоми ~ откријте и спречете навреме …

Препораки за рано откривање на ракот кај лица без симптоми. Редовните контроли на препорачаната возраст се најдобрата превенција за можната опасност да заболите од било кој тип на рак.

Периодични прегледи

За лица помеѓу 20-тата и 40-тата година од животот се препорачуваат навремени лекарски прегледи кои вклучуваат советување насочено кон приоритетните ризици, преглед на усната шуплина, штитната жлезда, лимфните јазли, тестисите, јајниците и кожата.

За лица на возраст над 40 години ваквиот вид на периодични прегледи се препорачуваат секоја година.

Локација на карциномите / препораки :

Дојка

* На возраст над 40 години, клиничките прегледи на дојката и мамографијата треба да се извршуваат еднаш во текот на годината, а самопрегледот еднаш во месецот.

* На возраст помеѓу 20 и 39 години клиничките прегледи треба да се прават на секои 3 години, а самопрегледот на дојките еднаш месечно.

Дебело црево

За мажи и жени на возраст над 50 години, се препорачува еден од трите пристапи:

*Тестирање за окултно крварење во столицата – еднаш во годината и флексибилна сигмоидоскопија на секои 5 години.

* Колоноскопија, која после нормален наод треба да се повторува на секои 10 години.

* Иригографија со двоен контраст, која после нормалниот наод треба да се повторува на секои 10 години.

* Истовремено со сигмоидоскопијата, колоноскопијата или иригографијата треба да се направи и дигиторектален преглед.

* За лица со висок ризик за развој на рак на дебелото црево потребно е да се договорат посебни програми за негово рано откривање.

Простата

* Дигиторектален преглед и одредување на простатичен серумски антиген (ПСА) еднаш годишно на возраст над 50 години и кај лица над 19 години кои се со висок ризик.

* Во високо ризични групи спаѓаат лица кај кои во фамилијата постојат сродници заболени од рак на простатата (појава на рак кај два или повеќе припадници на фамилијата од прв степен).

Матка

* Врат на матка – земање на брис по Папаниколау и гинеколошки преглед за сите жени кои биле или се сексуално активни – еднаш во годината. После три или повеќе нормални наоди, испитувањата во договор со лекарот, може да се спроведуваат на подолго растојание.

* Тело на матка – кај жени кои припаѓаат на групата со висок ризик, земање на примероци од ендометриумот (внатрешноста на матката) за хистолошка анализа на почетокот на менопаузата, а потоа во договор со лекар.