Повеќе од половина од луѓето не можат да уживаат во комплетен одмор во текот на ноќта, тврдат истражувачите, повикувајќи се на најновото масовно истражување. Експертите предупредуваат дека недостатокот на сон може да доведе до сериозни последици за здравјето.
Професор Колин Еспи од Универзитетот во Глазгов интервјуирал 12 000 возрасни жители во најголемото истражување поврзано со моделите на сонот во Велика Британија. Тој појаснува дека инсомнијата влијае врз секојдневниот живот на луѓето, а не само врз нивниот одмор во текот на ноќта.
Резултатите покажуваат дека 52% од населението имаат проблеми со спиењето. Бројот на жените сепак е поголем – 75% од жените известуваат за слични проблеми, во споредба со 25% од претставниците на посилниот пол.
Податоците покажуваат уште дека поради недостатокот на сон, 55% од постарото население се соочува со тешкотии во социјалните односи со другите луѓе. Во 77% од учесниците се забележува проблем со концентрацијата, а кај 64% од нив недостатокот на квалитетен сон влијае на нивната работоспособност.
83% од интервјуираните известуваат за намалено расположение, а 93% – за недостаток на енергија. Професор Еспи, предупредува дека лошиот сон го зголемува ризикот од болести, како што е дијабетесот и депресивните состојби. Тој додава уште дека 1/4 од луѓето со несоница страдаат од состојбата повеќе од 11 години.
Друго истражување во кое учествувале 3.000 возрасни, потврди дека 70% од луѓето сметаат дека не спијат доволно во текот на ноќта, а 57% од нив стојат будни, грижејќи се за работата или парите. Истражувањето покажува и дека половина од луѓето кои имаат проблем со спиењето го обвинуваат душекот, а еден од 10 возрасни си спие со плишано мече.