Први симптоми на мозочен удар

Секои две секунди некој во светот доживува мозочен удар, а секое шесто лице ќе умре како последица од него. Мозочниот удар предизвикува пореметување во мозочната циркулација поради што одредени делови на мозокот се недоволно обезбедени со кислород и хранливи состојки, а тоа доведува до оштетување и изумирање на нервните клетки. Причини се згрутчување кое ја затнува артеријата и така оневозможува проток на крв или пак пукање на крвен сад кога крвта почнува да продира во околното ткиво.

Најчеста причина за оштетување на крвните садови во мозокот која може да доведе до мозочен удар е атеросклерозата – болест која доведува до создавање на налаги на масти, сврзно ткиво, згрутчувања, калциум и други супстанци во ѕидовите на крвните садови, што предизвикува стеснување, затнување и/или слабеење на ѕидовите на крвните садови.

ПРВИ СИМПТОМИ:

  • Трнење, слабост или одземеност на лицето, рацете или нозете, особено ако е зафатена едната страна на телото
  • Пореметување во говорот: отежнато и неразбирливо изговарање на зборовите, целосна неможност на зборување
  • Нагло замаглување или губење на видот (особено на едното око или во половината од видното поле)
  • Нагла појава на главоболка проследена со повраќање без јасна причина
  • Губење на рамнотежата
  • Вртоглавица, несигурност и занесување во одењето, ненадеен пад поврзан со други симптоми

Прво и основно е да се препознае дали станува збор за мозочен удар, а во тоа може да помогне FAST тестот, кој овозможува брзо препознавање на симптомите на мозочен удар:

F (Face) – ЛИЦЕ – Има ли пациентот обесено лице?

A (ARM) – РАКА – Има ли пациентот слабост на рацете?

S (SPEECH) – ГОВОР – Има ли пациентот пречки во говорот?

T (TIME) – ВРЕМЕ – Ова значи дека времето е особено важно, потребно е да се знае времето кога симптомите почнале и веднаш да се повика Брза помош или да се упати во болница за што побрзо да се почне со лекување.

По препознавање на знаците на мозочен удар и повикување на Брза помош, потребно е лицето да се смири, а во случај да има пореметување на состојбата на свеста, да се легне на страна.