Популацијата која има светол тен на кожата, треба да внесува додатоци во исхраната со кои ќе се обезбеди потребното количество на витамин Д во организмот, сметаат експертите.
Според тим на британски експерти кои се занимаваат со истражувања поврзани со ракот на кожата, луѓето кои имаат светол тен не се во можност да апсорбираат доволно витамин Д од сончевата светлина. Од друга страна, преголема изложеност на сонце може да предизвика изгореници, а во најлош случај и рак на кожа.
Од овде, очигледно е дека изложувањето на сонце не е најпожелниот начин за обезбедување со витамин Д кај оваа популација на луѓе. Сепак земањето на додатоци во исхраната, односно суплементи, може да ги обезбеди потребите од витамин Д во организмот.
Направени се испитувања на 1200 луѓе. Кај 730 од нив, било воочено пониско ниво на витамин Д од оптималното. Најголем дел од нив биле со светол тен на кожата.
Дополнителен поттик
Суплементите се препорачуваат кај луѓе кои имаат повисок ризик од недостаток на овој витамин. Тука спаѓаат и луѓето кои имаат темен тен на кожата, најчесто со африканско и азиско потекло, постарите луѓе, децата, доилките, луѓето кои го покриваат телото поради културолошки и религиозни причини, односно сите оние кои го избегнуваат директното изложување на сонце. Последните истражувања во оваа група ги вбројуваат и луѓето со светол тен на кожата.
Витаминот Д е исклучително важен за коските и забите. Повеќето луѓе внесуваат доволно витамин Д преку изложување на сонце 10-15 минути дневно, но, мал дел на витамин Д се апсорбира и преку консумирање на риба и млечни производи.
Се смета дека луѓето со светол тен на кожата при директно изложување на сонцето, по многу кратко време чувствуваат печење и имаат појава на црвенило, па со цел да се избегне ваквата непријатност, светлите луѓе или го избегнуваат директното изложување, или се покриваат ако веќе мораат да бидат на сонце. Ова резултира со неможност за апсорпција на витаминот Д на овој природен начин.
Но, кај поединци кои имаат светла кожа, се случува да не може правилно да се апсорбира витаминот Д, без оглед на тоа колку долго се изложени на сонце. Поради овие причини потребно е земање на суплементи на витамин Д.
Доколку сте загрижени за сопствените нивоа на витамин Д во организмот, консултирајте се со вашиот лекар и, ако е потребно направете тест кој ќе го утврди нивото на витамин Д.