Интересни начини за употреба на сода бикарбона

Сода бикарбона е еден од малкуте производи кои години наназад се нудат на пазарот како средство за чистење на заби и како ублажувачко средство при болки во стомакот. Иако денес има многу поголем избор на производи за нега и убавина отколку во минатото, сепак употребата на сода бикарбона е разновидна.

Сода бикарбоната може да се употребува како замена за шампони, при бричење, при помали изгореници и исекотини, или за релаксација во бања. Како таква, може да е една од клучните состојки кои ви се потребни за одржување на убавината и здравјето. Ќе се обидеме да ви посочиме на кој начин и за какви цели може да ја употребувате сода бикарбона.

Ќе започнеме со косата. За темелно чистење на косата: додадете една кафена лажичка сода бикарбона во вашиот шампон. Сода бикарбона во комбинација со шампонот, ќе ви помогне да го отстраните вишокот на кондиционер (омекнувач за коса), заостанатите гелови, креми и спрејови за коса, а на тој начин и да се подобри состојбата на косата.

Како отстранувач на хлор: исплакнете ја косата со вода во која имате ставено пола кафена лажичка сода бикарбона, за да ја заштитите боената коса од губење на бојата кое е предизвикано од хлорот, кој најчесто го има во базените.

Чешли и четки за коса: Лакот за коса и маснотиите кои се насобираат на чешлите и четките за коса можат лесно да се отранат ако се стават во сад со топла вода во која има додадено 3 големи лажици сода бикарбона и 3 лажици од средство за белење.

За дланки: Сода бикарбона помага во отстранување на мирисот на риба, лук, кромид од вашите дланки, при комбинација со течен сапун.

Лакти: нанесете и втривајте сода бикарбона на вашите лакти, за да ја измазните грубата кожа и да ги отстраните натрупаните клетки.

Стапала: потопете ги уморните нозе во леген со вода во кој претходно сте додале 3 лажици сода бикарбона. Сода бикарбона е многу ефикасна доколку имате проблем со чешање на стапалата. Во таков случај, ставете четири лажици сода бикарбона во едно легенче вода и потопете ги стапалата. Останете така десетина минути додека не се ослободите од чувството на чешање. Сода бикарбоната помага и при отстранување на грубата и мртва кожа на стапалата.

При незгоди: за намалување на болка при изгореници, направете раствор од 4 лажици сода бикарбона во ¼ литар вода. Нанесете го на изгорената површина.