Капината е бодликаво растение кое достигнува висина 2-3 метри. Цвета во бели до бело розеви цветови, а плодовите се црни и сочни. Цвета од мај до јуни, a потоа раѓа плод кој зрее во текот на летото се додека не стане црн, сочен и мек. Познати се преку 100 видови на капини. Сите се подеднакво здрави, вкусни и лековити и кој од нив да го употребиме нема да згрешиме.
Капината се смета за исклучително лековито растение. Освен тоа што плодот е многу здрав за конзумација, и листовите од капина се исклучително добри за подготовка на чај, бидејќи содржат состојки кои би биле од особена корист за нашиот организам.
Чајот од листот од капина уште од одамна се користел како средство за ублажување на воспаленијата на слузокожата на носот, грлото, усната шуплина и сл. Општо кажано, чајот од лист од капина е корисен за сите видови на воспаленија.
Сокот направен од зрела капина е од голема корист за нашето тело. Го подобрува имунитетот, ја подобрува циркулацијата, корисен е кај анемични луѓе, стари и изнемоштени, ја подобрува концентрацијата и игра превентивна улога во борбата против туморозни промени во организамот бидејќи состојките кои се наоѓаат во капината ги штитат клетките и ги подобруваат нивните биолошки функции.