ХПВ инфекцијата е најчестата полово пренослива болест, од која се заразени повеќе од 440 милиони луѓе ширум светот. Ја предизвикува хуманиот папилома вирус – ХПВ.
Постојат повеќе од 1000 различни типови на ХПВ од кои 30-40 типа се причинители на гениталните инфекции. Се проценува дека најмалку 80-100% од девојките на возраст меѓу 18-25 години доаѓаат во контакт со вирусот при половиот однос, од нив 30% развиваат симптоми на инфекција.
Причината за тоа е спонтаното елиминирање на вирусот – природно самоизлекување, кое најмногу зависи од состојбата на имунолошкиот систем на инфицираните индивидуи. Доколку се работи за ниско ризични типови на ХПВ вируси (6, 11, 41, 43, 44) се јавуваат генитални брадавици (кондиломи).
Високо ризичните типови на вируси (16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56) се опасни затоа што се поврзуваат со појава на абнормалности на епителот на грлото на матката (цервикална дисплазија), во отсуство на било какви други симптоми.
Хроничната ХПВ инфекција го зголемува ризикот за настанување на рак на грлото на матката за 65 пати, а кај онкогените високо ризични типови за 130 пати. Повеќето од жените со позитивен ХПВ тест сепак нема да развијат генитални брадавици или цервикална дисплазија, иако кај останатите жени ХПВ инфекцијата се поврзува со развојот на рак на грлото на матката. Истражувањата покажуваат дека хроничниот стрес и одредени ставови во врска со сексот го менуваат дотокот на крвта во грлото на матката и влијаат на лачењето на неговите жлезди, што не упатува на органска генеза помеѓу стресот и промените во овој дел од телото. Слабеењето на имунолошкиот систем поради хроничен емоционален или друг вид на стрес, неправилна исхрана, употреба на алкохол и цигари, може да бидат причина за промена на имунолошкиот одговор, кои може да ја потикнат активноста на вирусот.
Симптоми:
Кај мажите гениталните брадавици се јавуваат на главата на пенисот и препуциумот, а кај жените на малите усни, по целата површина на вагината, околу анусот или на меѓичката (кожата помеѓу вагината и анусот). Ако бројот на кондиломите е умерен, пратени се со лесен јадеж. Во случај на поголем број на кондиломи, т.е. доколку се во збирови, можни се крварења и тогаш кондиломите се болни. Инфекцијата со високо ризичните типови може да биде придружена или да се јави изолирано, главно се открива случајно преку рутинските ПАП-тестирања.
Лекување:
Постапката на лекувањето е сложена. Кондиломите се острануваат по хируршки пат, ласерски, и со криоелектро-терапија или постапка наречена LEEP. Друг начин е премачкување на израстокот со подофилин, кој претставува хемиска смола добиена од плодовите на бел глог, и спаѓа во редот на растителни цитостатици. Во лекувањето обично се користи 3-5% алкохолен раствор на подофилин или 0,5% подофилокс (Condylox). За надворешна употреба може исто така да се користи и три-хлор-оцетна киселина (TCA). Новост во лекувањето на кодниломите е imiquimod (Aldara) кој се вбројува во имуномодулирачките материи, додека точниот механизам на делување на овој лек не е познат. Поседува антивирално како и антитуморско дејство при што е значајна стимулацијата на целуларниот тип на имунолошкиот систем. Се применува во вид на крема, која се нанесува на промената три пати неделно, а за разлика од хируршкото отстранување или криотерапијата на кондиломите каде рецидивот е до 75%, процентот на рецидивите кај примената imiquimod е помал од 20%.
Истражувањата покажуваат дека дури 50-80% од благите промени во Пап тестот со позитивен наод на ХПВ (високо-ризични типови) се враќаат на нормала и без лекување. Но понекогаш овие промени брзо се влошуваат. Поради тоа, кај позитивен наод на ХПВ инфекција на грлото на матката најважен совет е редовна ПАП контрола. Повторуваниот наод на дисплазија поради ХПВ инфекцијата е индикација за проширена колпоскопија со идентификација на промените. По потреба се спроведува хистолошка дијагностика (биопсија), а зависно од резултатите на располагање за понатамошно лекување ни стојат хируршки методи на конизација (ласер, класична конизација, LLETZ), со кои се отстранува нездравото ткиво на вратот на матката, заедно со вирусот. Кај ниски степени на дисплазија опишани се извонредни резултати на лекување со ниски дози на природен интерферон, со успех од 80-100%. Главна цел на локалното лекување со интерферон е инхибиција на вградувањето на ХПВ вирусот во геномот на сеуште неинфицираните клетки.
Алтернативна можност:
Со оглед на фактот дека е можно спонтано излекување на вирусот, се препорачува заштитен сексуален однос (кондом), иако презервативот не обезбедува апсолутна заштита од ХПВ (вирусот е епидермотропен, и кожата која не е заштитена со презервативот содржи ХПВ), сепак на овој начин се смалува количината на вирусот, кој се пренесува меѓу партнерите во текот на сексуалните односи.
За стимулација на имунолошкиот одговор покрај правилната исхрана, улога има и откажувањето од некои штетни навики: алкохол, цигари, редукција на стресот, правилен распоред на дневните активности и дневен одмор односно правилна дневна рутина.
Стимулација на локалниот имунолошки одговор на вагината се постигнува со регенерација и јакнење на природната вагинална флора.