Мажите на средна возраст, кои применуваат чекори за подобрување на здравјето на срцето, со правилно хранење, повеќе физички вежби или намалување на холестеролот, го подобруваат и сексуалниот живот истовремено.
Околу еден на секои 5 мажи во САД тешко постигнува и ја одржува ерекцијата – состојба позната како еректилна дисфункција.
Според новото истражување, лековите како вијагра не се единственото решение и не секогаш се доволни за решавање на проблемот, вели коавторoт д-р Стивен Копецки, кардиолог во клиниката Мајо во Рочестер, Минесота.
Eректилната дисфункција одамна се смета за предвесник на кардиоваскуларните проблеми. Поради акумулација на холестерол во артериите на пенисот, не може да се постигне ерекција. Ако има затнување на крвните садови во половиот орган, многу веројатно е од истиот процес да се засегнати и артериите кои го опкружуваат срцето.
Обично еректилната дисфункција се појавува од 3 до 5 години пред опасните по живот кардиоваскуларни инциденти како инфарктот или мозочниот удар.
Грижата за здравјето на срцето и нормализирање на нивото на холестерол придонесуваат и за подобрување на сексуалните можности. За некои мажи, особено оние со отпорни случаи на еректилна дисфункција, користа ќе биде многу мала. За оние со лесна или случајна еректилна дисфункција, сепак ќе има значително подобрување на сексуалната функција, велат истражувачите.
Уште еднаш се докажува тесната врска меѓу здравјето на срцето и сексуалните способности кај мажот, вели д-р Кевин Билапс, професор по урологија на Универзитетот Минесота во Минеаполис.
Дури и мали промени во начинот на живот и исхрана може да влијаат на подобрување на сексуалниот живот. Освен конзумацијата на овошје и зеленчук и производи богати со витамини и минерали, од значење е физичката активност – само 10 минути енергични вежби, 3 пати неделно, придонесуваат за одржување на срцето, вели д-р Стивен Копецки.