Еден од начините да се спречи некоја болест предизвикана од разни инфекции е зајакнување на имунолошкиот систем. Имунитетот во нашето тело е главната одбрана од штетните микроорганизми на кои сме изложени во секојдневниот живот. Силниот имунитет може да ве заштити од разни вируси и бактерии кои предизвикуваат смртоносни инфекции.
Докторите и истражувачите велат дека постојат разни природни начини на кои може да го зајакнете имунитетот. Тие исто така забележале дека конзумирањето на одредени прехрамбени производи може да го зајакне имунолошкиот систем во нашето тело.
Многу од нашите секојдневни активности го зајакнуваат имунитетот.
Секојдневни зајакнувачи на имунитет:
Спиење
На секој човек му се потребни 7-8 часа спиење во еден ден. Спиењето е процес за време на кој нашето тело се одмара за да се подобри здравјето на органите и да се опорават оштетените ткива и клетки. Лицата кои спијат повеќе или помалку се повеќе склони на разни инфекции како обичната настинка и грипот во споредба со тие кои спијат околу 8 часа дневно.
Избегнување на стресот
Лицата кои се под голем стрес почесто страдаат од инфекции. Причината за ова се ослободените хормони – катехоламини кои го потиснуваат имунитетот во нашето тело. Избегнувањето на стресот и чувството на среќа го намалуваат излачувањето на овие хормони и го зајакнуваат имунитетот. Организирајте си го животот на таков начин што би имале што е можно помалку стресни ситуации.
Секс и грижа
Препуштањето во сексуални активности и грижата за партнерот помагаат во ослободување на одредени природни мозочни хемикалии кои го зајакнуваат имунитетот. Убавото време поминато со партнерот ве прави среќни и го зголемува ослободувањето на хемикалии кои ја подобруваат вашата целосна благосостојба.
Музика
Слушањето на омилената музика може да ви помогне да го зајакнете имунитетот. Според една студија, имунолошките нивоа (измерени со проценка на некои имунолошки протеини) значително се зголемуваат по слушање музика само триесет минути. Освен тоа, се покажало дека имунолошкиот систем останува активен значително време по слушањето музика. Па затоа, омилените песни нека ви бидат секогаш при рака и слушајте ги кога можете.
Вежбање
Познато е дека вежбањето помага во спречувањето на одредени нарушувања како што се дијабетесот и срцевите заболувања. Исто така, тоа помага во намалување на тежината. Но според неколку студии, вежбањето има уште една позитивна страна – зајакнување на имунитетот. Дури и умереното вежбање од триесет минути, минимум пет пати во неделата, може да ви го зајакне имунолошкиот систем. Вежбите го подобруваат крвотокот а со тоа и работата на органите кои се одговорни за имунитетот.
Зајакнување на имунитетот преку храна:
Храната која ја конзумираме ја одредува нашата способност да спречиме инфекции и други нарушувања. Поголемиот дел од потребните состојки на нашето тело ги внесуваме преку храната. Храната што ја внесуваме е исто така виновна за внесените штетни материи кои резултираат со разни нарушувања. Па затоа, водењето грижа за тоа што конзумираме и планирањето на здравата исхрана е многу важно за развој на нашиот имунитет и спречување на разни нарушувања.
Исхрана
Нормално, исхраната која е богата со овошје и зеленчук го зајакнува имунитетот. Овошјето и зеленчукот содржат голем број на биохемикалии кои ја подобруваат работата на нашето тело и го зајакнуваат имунолошкиот систем. Рибата содржи важни масти кои го подобруваат имунитетот. Пилешката супа овозможува побрзо опоравување и во исто време го зајакнува имунитетот. Црвеното месо ја нарушува работата на нашето тело доколку претерано се конзумира па затоа треба да се избегнува. Печурките влијаат на клетките кои се вклучени во борбата против болести како ракот. Редовната конзумација на умерени количини на печурки им помага на клетките да се борат против ваквите смртоносни состојби.
Хранливи суплементи
На нашето тело му се потребни состојки како витамини, минерали и слично за тоа да биде здраво. Витамините А и С му помагаат на нашиот имунитет да се бори против многу штетни микроорганизми. Можеби исхраната која ја применуваме не може да ни ги овозможи сите состојки кои треба да ги внесуваме редовно и тоа ја наметнува потребата од хранливи и витамински суплементи. Суплементите од цинк ја зголемуваат активноста на белите крви зрнца кои се голем дел од имунолошкиот систем. Други хранливи суплементи кои го зајакнуваат имунитететот се тимусните екстракти и колострумот.
Хербални суплементи
Постојат многу билки кои позитивно влијаат на нашето тело. Зелениот чај е една од билките кои содржат биохемикалии наречени полифеноли. Овие полифеноли го штитат телото од разни нарушувања како што се дијабетесот, кардиоваскуларните болести, холестерол и рак. Тие помагаат во зајакнување на имунитетот. Други билки кои помагаат во подобрување на имунолошкиот систем се ехинацеа, златно семе, козинец (астрагалус) и маслинов лист. Билките како лук, ѓумбир и гинко билбоа го подобруваат крвотокот а со тоа и работата на имунолошкиот систем.