Боранијата е многу хранлив зеленчук кој може да се најде на трпезите на скоро сите народи во светот. Во светот постојат разни сорти на боранија, некои се високи сорти, некои ниски, но денеска се преферираат ниските бидејќи се полесни за одгледување и даваат побогат род. Боранијата како свежа низ пазарите може да се сретне од пролет до есен, а преку зима обично се употребува конзервирана или замрзната.
Боранијата според многу научници е одлично растение кое има големи придобивки за здравјето на човекот. Особен придонес има во регулирањето на шеќерот во крвта, но особено важно е што боранијата влијае во намалување на лошиот холестерол во крвта. Така, според истражувањата, научниците дошле до заклучок дека редовното користење на боранија може да го намали нивото на лошиот холестерол во крвта за 20 %.
Боранијата е зеленчук кој во себе содржи една многу специфична аминокиселина – аргинин, која има слично дејство на инсулинот и помага при метаболизирањето на глукозата. Особено е важен фактот што боранијата делува како благ диуретик зошто во себе содржи високи количини на калиум што доведува до нормализирање на крвниот притисок.
Боранијата според експертите има одлични ефекти врз многу здравствени состојби на организамот, а освен предходно спомнатите, боранијата има одличен ефект и при:
- Импотенција
- Остеопороза
- Зараснување на рани
- Анемии
- Инфекции
- Бубрежни заболувања
- Срцеви заболувања
- Стрес
- Замор
- Депресија
Од нутритивна гледна точка боранијата содржи многу витамини од групата Б, витамин Ц, витамин Е и провитамин А. Освен овие елементи содржи и растителни влакна, калциум, фосфор, магнезиум, фолна киселина и др.
Боранијата се конзумира исклучиво приготвена бидејќи термички необработената боранија може да има штетни ефекти. Се препорачува за редовна употреба, бидејќи спротивно на верувањата дека е високо калорична, научниците велат дека боранијата воопшто не припаѓа во групата на високо-калорична храна.