Тeхниките на т.н. Шведска масажа се разликуваат од другите видови масажи поради специфичноста во редот по кој се изведуваат. Разликата кај овој вид на масажа е дека се применува подлабок притисок, има зголемување оксигенацијата на крвта и ослободување на метаболниот отпад како што се млечната и уричната киселина од ткивата на мускулите.
Техниките се особено корисни за спортисти, кои се подложени на сериозни физички вежби и оптоварување, со што се предизвикува таложење на млечна киселина во мускулите.
Шведската масажа има различни медицински и терапевтски цели. Помага не само за олеснување на физичкиот, но и на емоционалниот стрес.
Масажата е корисна за намалување на вкочанетоста и болките во зглобовите, а делува поволно и на состојби како остеоартритисот.
Според истражувањата, учесниците кои се подложуваат на овој вид на масажа, велат дека уживаат и во зголемената флексибилност на телото. Специфичните техники помагаат и за подобрување на циркулацијата на крвта.
Постојат 5 главни техники на масажа развиени од шведскиот лекар Пер Хенрик Линг, физиотерапевт и наставник по медицинска гимнастика.
Одделно секоја од техниките вклучува:
Првата техника се состои од долги, лизгачки движења кои опфаќаат различни области на телото. Тие се прават со помош на дланката на раката или на прстите. Терапевтот обично започнува да ги движи рацете од рамото, надолу кон врвот на прстите или почнувајќи од вратот продолжува надолу кон основата на ‘рбетот. Техниката помага во подобрување на циркулацијата, смирување на нервите и релаксација на целото тело.
Со втората техника наречена “месење”, вклучени се мускулите на телото, и е слична на месење на тесто, со која се постигнува поголема длабочина на масажата. За таа цел се користат палците и дланките на рацете. Мускулите на телото се “месат” и стискаат за да бидат подготвени за следната техника. На овој начин се ослободува напнатоста во мускулите, се подобрува протокот на крвта и се зголемува лимфната дренажа.
Третата техника се состои од ритмички удирања со користење на тупаница. Ова помага за дополнително релаксирање на мускулите.
Четвртата техника на втријување, исто така фаворизира релаксирање на мускулите, преку воспоставување на затоплувачки ефект.
Во петтиот вид на техника се користат осцилаторни движења со кои телото се тресе или вибрира. Терапевтот нежно ја тресе кожата со врвовите на прстите на рацете, а потоа преминува на друго место и го повторува дејството. Техниката е создадена за да се ослободи мускулната тензија во малите мускулни области на лицето или по должината на ‘рбетот.