Според новото истражување спроведено од страна на научниците од Копенхаген, редовно конзумирање на додатокот во исхраната Коензим Q10 двапати ја намалува смртната стапка кај пациентите кои страдаат од напредна срцева слабост.
Резултатите укажуваат и на значително намалување на бројот на хоспитализации кај пациентите со срцева слабост кои конзумирале Коензим Q10. Околу 14% од пациентите кои го конзумирале овој додаток во исхраната имале потреба од хоспитализација поради појава на несакан кардиоваскуларен настан, во споредба со 25% од пациентите кои примале плацебо.
Коензим Q10 природно го има во човечкото тело. Функционира како електронски носач во клеточните митохондрии и ја поттикнува трансформацијата на храна во енергија. Исто така, Коензим Q10 претставува моќен антиоксидант.
При срцева слабост, срцето не испумпува доволно крв богата со кислород и нутритиенти низ телото. Пациентите често чувствуваат замор и имаат проблеми со дишењето бидејќи срцето се зголемува со цел да ги задоволи потребите на телото.
Нивоата на Коензим Q10 се намалуваат во срцевиот мускул кај пациентите кои страдаат од срцева слабост и оваа состојба постанува сè поизразена со прогресијата на заболувањето.
Во истражувањето биле вклучени 420 учесници кои страдале од умерена до тешка срцева слабост, следени во временски период од 2 години. Половина од нив секојдневно примале 100 mg Коензим Q10, а половина од учесниците примале плацебо.
На крајот од истражувањето, 18 учесници од групата која примала Коензим Q10 починале, во споредба со 36 смртни случаи кај групата која примала плацебо.
Несакани кардиоваскуларни настани кои имале потреба од хоспитализација се утврдени кај 29 пациенти од групата која примала Коензим Q10, во споредба со 55 пациенти од плацебо групата.
Коензим Q10 претставува првата активна супстанца која го подобрува преживувањето на пациентите кои страдаат од хронична срцева слабост после откривањето на АКЕ инхибиторите и бета-блокаторите и треба да биде воведена како стандардна терапија за третман на срцева слабост.