Откажете се од грицкањето на ноктите

Статистички гледано, гризењето нокти претставува главна занимација за повеќето луѓе и тешко дека постои личност која барем во еден период од својот живот не го правела тоа. Може да се појави и за време на пубертетот, а најголем причинител е стресот, училишните или љубовните проблеми и запишувањето во средно училиште се чести причини за појава на оваа лоша навика.

Некои возрасни личности грицкаат нокти кога се наоѓаат во стресни ситуации, додека кај други тоа станува секојдневна појава, бидејќи покрај естетскиот постои и многу сериозен проблем кој може да премине во психичко нарушување.

Грицкањето на нокти и заноктици е пред се навика која настанува поради  чувството на вознемиреност. Како да ја спречите оваа навика е прашање на кое има одговори исто колку што има и личности кои ги мачи оваа навика. Во зависност од возраста и формата на нарушување може да се употребат неколку видови на одвикнување.

Деца

Доколку навиката се стекне од другарите, може да се случи да исчезне исто како што се има и појавено. Ако пак има земено залет и детето интензивно ги грицка ноктите, неопходно е да се утврди заради  што се случува тоа и во кои ситуации

– дали е во прашање напнатост, замор, вознемиреност, присуство на некоја личност или само досада? Некогаш тоа може да биде и промена на рутината, селење, нова група во градинка, воведување на нови активности…

Совет : Малите не треба да ги критикувате, казнувате или понижувате пред други. Исто така не се препорачува да им ги вадите рацете од уста или да им нанесувате различни материи на ноктите, бидејќи така може да добиете спротивен ефект. Преку разговор треба да откриете во што е проблемот, а кога тој ќе биде решен навиката ќе исчезне. Некогаш е доволно родителите да му посветат на детето повеќе внимание, а тоа да престане со грицкање на ноктите.

Вознемиреност кај возрасните

Грицкањето на нокти и заноктици кое кај возрасните се јавува за време на нервоза и исчекување, најчесто престанува откако ќе помине кризната состојба. Некогаш е доволна самодисциплина, понекогаш мали потсетници (лепење со селотејп, лакирање или надградба на нокти), но може да се употребат и различни производи кои се нанесуваат на рацете и не одвраќаат од оваа лоша навика, истовремено спречувајќи ја појавата од габични заболувања.

Совет : За луѓето кои ги грицкаат заноктиците од големо значење може да биде редовниот маникир и негата на рацете. Доколку ноктите и деловите околу нив им се негувани- едноставно нема да имаат што да грицкаат.

Опсесивно –компулсивно пореметување

Колку далеку оваа навика може да оди, ни кажува податокот дека Американската психијатриска асоцијација  грицкањето нокти го смета за опсесивно – компулсивно нарушување, што претставува дијагноза која покрај останатото ги опишува опсесивните, присилни, стресни наметливи мисли и компулсивните присилни дејствија со намера да се неутрализира одредена опсесија по принципот:ако не го направам ова ќе се случи нешто лошо. Така додека некои луѓе постојано ги мијат рацете, ги прескокнуваат линиите на тротоарот, постојано проверуваат дали ја заклучиле вратата некои до крв ќе ги грицкаат ноктите и заноктиците.

Ова нарушување влијае на секојдневниот живот, личноста чудно се однесува и со текот на времето нејзината опсесија се влошува. Околу 90% личности со ОКП, поврзани за грицкањето нокти и заноктици, тврдат дека едноставно не можат да се воздржат, па дека една мала заноктица или дел од милиметар од нокотот кој може да се одгризе претставува „трн“ во мозокот, кој ги мачи се додека не го отстранат.

Совет : Доколку за време на оваа навика се појавиле деформитети на прстите треба да се обратите за помош кај специјалист. Постојат методи со чија помош личноста ќе ги открие причините за својата присилна работа и да научи како да се соочи со анксиозноста која предизвикува ОКП.