8 корисни совети за заштита на очите

Очите се најчувствителниот дел од нашето тело. Тие ни овозможуваат да го видиме светот околу нас, а и да ги искажеме нашите најдлабоки емоции. Онаа изрека, очите се огледало на душата…навистина е така.

Современиот начин на живот, кој вклучува секојдневно повеќечасовно зјапање во компјутерски екрани или телевизори, телефони и сл. влијае негативно врз здравјето на очите, па се зголемува бројот на лица кои носат очила за вид или контактни леќи. Тоа треба да ни потскаже дека е потребно да вложуваме дополнителни напори за да го минимизираме негативниот ефект. Забораваме дека очните прегледи не служат само за возачка дозвола, туку треба да ги правиме редовно за навреме да ги заштитиме очите и да ги откриеме евентуалните заболувања. Во продолжение погледнете неколку корисни совети за заштита на очите.

1. Кога работите на компјутер, има едно правило, „20-20-5“. Можеби вашиот лаптоп е уклучен и работи 24 часа, но тоа не важи за вас. После 20 минути работа на компјутер и зјапање во екран, направете пауза од 20 секунди и гледајте во некој предмет кој е 5 метри од вас. На тој начин ќе им ја дадете на очите потребната пауза и ќе го избегнете заморот.

2. Ризикот од очни заболувања и ослабен вид ќе го намалите ако ги откажете цигарите. Оваа штетна навика доведува до опасност од рак на јазикот, рак на белите дробови, пожолтување на прстите и многуте други последици од пушењето и доколку тоа не е доволна мотивација, еве уште една причина зошто да ги откажете цигарите. Имено, пушењето влијае негативно и на видот, со тоа што го зголемува ризикот од катаракта, макуларна дегенерација и оштетување на очниот нерв. Па, зошто не ја оставите оваа штетна навика уште веднаш и да избегате од канџите на порокот наречен пушење?

3. Спијте 7-8 часа на ден. И на очите како и на останатите делови од вашето тело им е потребен одмор. Недоволното спиење лесно може да доведе до очен замор, па препорачливо е да си подарувате 7-8 часа квалитетен сон.

4. Заштитете се со очила за сонце. Носете очила за сонце секогаш кога излегувате од дома, дури и во зима. Очилата не само што ги заштитуваат очите од УВ-зраците, туку ги штитат и од непријатниот ветер, како и од нечистотиите и прашината кои лесно можат да завршат внатре во окото. На плажа се препорачува и капа или шешир, за дополнителна заштита на очите од оние делови што не се заштитени со очилата.

5. „Нахранете“ ги очите“. Секој дел од вашето тело се влијае од храната што ја консумирате, вклучително и очите. Консумирајте храна која содржи антиоксиданси и витамини А, Ц и Е. Барем двапати неделно консумирајте риба и спанаќ, а почесто јадете и брокули, јајца, моркови, боровинки, бадеми, домати и тиква.

6. Трепкајте често. При работа на компјутер, луѓето често забораваат да трепкаат, а тоа води до сушење на очите. Од време на време тргајте го погледот од екранот и трепкајте брзо 10-15 пати.

7. Бидете внимателни на дневната светлина и сијалиците и растојанието додека читате. Мене многу често ми се случува додека читам книга да почувствувам главоболка и замор. Најчеста причина за тоа е очниот замор, предизвикан од недоволно осветлената просторија или од неправилното растојание меѓу вашите очи и книгата. Кога читате, книгата треба да биде оддалечена од очите околу 15 см. Колку поблиску е таа, толку потешко им е на очите да се фокусираат на испишаните редови. Читајте во добро осветлена соба, но изворот на светлина да не е насочен директно кон вашето лице.

8. Одржувајте хигиена, редовно мијте ги рацете и не ги допирајте очите за да избегнете очни инфекции. Доколку не ги миете рацете, а сте биле во контакт со нечист предмет или пари, а ги допрете очите, тогаш може да дојде до инфекција на очите. Ризична група се корисниците на контактни леќи поради честиот контакт на рацете со очите. Ако спаѓате во оваа група, од исклучително значење е миењето на рацете пред ставањето и вадењето на леќите.