Бременоста е период кога се случуваат бројни промени на телото, па и на косите на идните мајки. Ќе ви дадеме некои совети како да ги решите одредени проблеми и правилно да ја негувате вашата коса.
Додека има зголемено хормонски дејства на естрогенот за време на бременост, косата ја менува својата боја и текстура. Тоа е период кога треба да и посветите посебно внимание на нејзиното обликување и шишање. Колку и да сакате долга коса, наш совет е да ја скратите, ако не сосема кратко, тогаш барем до онаа должина која ќе ви овозможи полесно одржување.
ПАЃАЊЕ НА КОСАТА
Во текот на бременоста можно е да дојде до зголемено опаѓање на косата, особено во период кога се развива плодот, бидејќи тоа тогаш зема се што му е потребно од мајката. Меѓутоа, секоја бременост не е иста. Има такви мајки кај кои додека се бремени косата им станува поубава, побујна и посјајна, но сепак повеќе се оние кои се жалат дека никогаш не им паѓала повеќе коса и не можат да направат фризура каква што сакаат.
Доколку и вие спаѓате во таа група, ви советуваме во консултација со вашиот лекар, да почнете да земате Витамин Б комплекс, кој позитивно влијае на растот и зајакнувањето на косата и ноктите. Најдобро е да користите шампони на база на пантенол. Многу е важно да ги користите балсамите и маските во овој период. Со употреба на билни препарати може по природен пат да го спасите опаѓањето на косата. За испирање користете чај од камилица.
МРСНА КОСА
За време на бременост може да се наруши работата на жлездите со внатрешно лачење, па во тој случај доаѓа до побрзо замрсување на косата. Не се препорачува секојдневно миење на косата, затоа што шампонот го иритира темето и доведува до поголемо излачување на мрснотии. Секогаш купувајте шампон за мрсна коса, а влакната мијте ги со млака, а не со топла вода. Исфрлете го регенераторот за коса, но ако морате, тогаш нанесете само малку по краевите или наместо тоа користете лимонов сок или јаболков оцет
Помалку фаќајте ја косата со раце и без често чешлање. Пробајте на измиена коса да ставите малку беби пудра за да го впие вишокот маснотии. Во борба против мрсната коса најефикасни се цинк, пантенол и масло од јојоба, бидејќи ги содржат природните својства за чистење на косата. Овие препарати ги отстрануваат нечистотиите и маснотиите, и така косата станува поеластична и повеќе хидрирана. Доколку сакате да експериментирате и да пробате нешто ново, ви нудиме уште еден здрав пат кон здрава коса.
ФАРБАЊЕ НА КОСАТА
Повеќето од трудниците се прашуваат дали е безбедно да се фарба косата. Да, но ви советуваме да користите боја која не содржи амонијак. Хемикалиите во трајни и полутрајни фарби не се толку опасни, затоа што многу мало количество се апсорбира во организмот и се уште нема докази дека користењето на такви фарби еднаш месечно, може да предизвика компликации. Меѓутоа, лекарите често советуваат да се избегнува користење на трајни фарби во првото тромесечје кога бебето го развива невролошкиот систем. По ова можете да продолжите со разубавување.
Ако сепак сакате да го избегнете тоа додека не се роди бебето, тогаш користете полутрајни фарби кои содржат мали количества амонијак и пероксид, а со тоа содржат помалку штетни хемикалии. Со мешање на фарбите тоа што сте сакале да го покриете, помалку ќе се познава. Задолжително носете ракавици додека се фарбате и секогаш правете го тоа во добро проветрени простории. Доколку, пак, имате повеќе доверба во фризер, закажете термин рано наутро, додека нема гужва, затоа што само така ќе ги избегнете додатните изложувања на хемикалии.