Мигрената е причинител на 20% од главоболките. Овој вид на главоболка се појавува кога крвните садови во главата и вратот се стегаат со што се намалува протокот на крв.
Мигрената обично се чувствува како болно чукање на една страна на главата пропратено со чувство на гадење и пречувствителност на светлина и звук.
Мигрените се јавуваат почесто кај жените отколку кај мажите и најчесто се хронични. Се смета дека следниве фактори се поврзани со појавата на мигрени:
· Семејна историја на мигрени
· Подолга мускулна тензија и стрес
· Алкохол
· Пушење цигари или пасивно вдишување на чадот од цигарите
· Недостиг на сон
· За жени, менструалниот циклус и орални контрацептивни средства
· Некои прехрамбени производи како чоколадо, лешници и зачини како и производи кои ја содржат амино киселината тирамин (сирење, црвено вино и чадена риба) и производи кои содржат конзерванси или вештачки засладувачи.
Кои се симптомите за мигренозна главоболка?
· Чукање и пулсирање обично на една страна на главата
· Болката може да биде слаба или јака а се појавува наутро и постепено се засилува
· Болката може да се јави заедно со други симптоми како гадење, повраќање и вртоглавица
· Пречувствителност на гласни звуци и светлина
· Може да трае од неколку часа до два дена
Кога да појдете на доктор?
Повеќето луѓе со изолирани тензични главоболки обично ја намалуваат болката со аналгетици или пак со едноставна релаксација и добар сон. Но доколку болката е хронична, разговарајте со вашиот доктор за можните причини и решенија.
Ако забележите барем еден од следниве симптоми, веднаш појдете на доктор:
· Силна и ненадејна болка придружена со гадење и повраќање
· Чести главоболки придружени со проблеми во помнењето, намалена концентрација и замор
· Силна грозница со вкочанетост во вратот
· Грчеви (напади)
· Постојани попречувања на видот (светлосни блесоци)
· Потешкотии во контролата на рацете и нозете
· Губење на чувството во рацете и нозете
· Замор и потешкотии во комуницирањето (апатија)
Како докторот ја поставува дијагнозата?
Точната историја на било каква претходна болест, начинот на исхрана и начинот на живеење се многу важни работи кои ќе му помогнат на докторот да одлучи дали да продолжи со тестирање и да препише некаква терапија.
Докторот ќе ви побара детали за главоболката, колку траела, каде се појавила, колку била силна и кои биле факторите за нејзиното појавување.
За дијагностицирање на хронична главоболка или некое посериозно нарушување, може да се извршат следниве тестирања:
· Компјутерска томографија
· Магнетна резонанца
· Рендген снимка
· Привремена артериска биопсија
· Лумбална пунктура
Каква терапија постои?
Водењето дневник за деталите на главоболките што ги имате, може многу да му помогне на вашиот доктор да ви препише соодветна терапија. На календар можете да ги забележувате датумите кога сте имале главоболка. Забележете кога започнала болката и колку долго траела. Запишете ги сите фактори што би можеле да бидат важни како што сте јаделе, што сте пиеле, какви лекови сте земале, активности, временски услови итн.
Добро е да се води овој дневник околу еден до два месеци за да може да се утврдат факторите кои ги предизвикуваат главоболките и да се најде начин како тие во иднина да се избегнат.
Иако на секоја личност и одговара различна терапија, генерално лековите против болка како парацетамол, аспирин и ибупрофен значително помагаат за намалување на симптомите на тензичните главоболки. Посебно препишани лекови може да помогнат во други случаи како што е мигренската главоболка.
Кај мигрената, најдобра терапија е пронаоѓање и избегнување на причинителите на мигрената. Постојат повеќе терапии кои би можеле да ги олеснат акутните напади, почнувајќи од лекови кои на своја рака може да ги купите, како парацетамол и ибупрофен. Овие делуваат најдобро кога ќе се земат на самиот почеток на нападот и по можност растворени.
Некои лекови против мигрена содржат и состојки против гадење како buclizine. Ако овие лекови не ви помогнат, докторот може да ви препише други лекови, појаки аналгетици или пак лек од групата триптани (sumatriptan, zolmitriptan).
Докторот може да ви препише и превентивна терапија доколку нападите на мигрена се премногу чести. Ако имате болки во стомакот или ви е дијагностициран чир, избегнувајте го ибупрофенот и лекови што содржат ацетилсалицилна киселина како аспирин. Аспиринот не треба да се дава на деца под 16 години освен ако тоа не е препишано од доктор.
Внимание: Горенаведените лекови не треба да се даваат на деца доколку не се препишани од доктор!
Што да направите за сами да си помогнете?
Доколку вашиот доктор ве прегледал и не пронашол ништо сериозно, следниве совети би требало да ви помогнат:
· Избегнувајте претерана употреба на цигари и алкохол.
· Правилно држете го телото при седење и работење. Важно е какво столче употребувате. Тоа треба да биде удобно столче кое ви го држи телото во правилна положба.
· Редовно применувајте техники за релаксација.
· Излегувајте на свеж воздух и вежбајте.
· На некои луѓе многу им помага камилицата за намалување на главоболката. Таа треба да се зема секој ден (дури и ако немате главоболка).
Симптомите на мигренските главоболки може да се намалат со:
· Одморање во тивка соба со исклучени светла.
· Избегнување на храна и пијалоци кои содржат состојки што би можеле да ви ја предизвикаат главоболката.