Со желба да ги зацврстат мускулите и да направат „тоблероне“ стомачни, некои луѓе забораваат што имаат под мускулите, забораваат на коските. Коските се потпорната структура која го држи телото исправено па затоа особено внимание треба да се обрнува на нивното здравје. Слабата густина на коската и остеопорозата се едни од најчестите здравствени проблеми со кои луѓето се соочуваат во староста. Затоа, постојано треба да се внимава на нив и преку разните активности и здравата исхрана да се одржуваат.
Витаминот Д се создава по природен пат во човековото тело, кога тоа е изложено на сонце. Поради тоа, познат е и како „сончевиот” витамин. На сите ни е познато дека витаминот Д е особено важен за коските. Иако калциумот е основна состојка за здравјето на коските, доколку тој не се врзе со витамин Д, нема да се апсорбираат во коските. Недостатокот на калциум води до рахитис (омекнување и деформирање на коските) кај децата и остеопороза кај возрасните. Витаминот Д помага за побрзо зараснување на повредите на коските кај повозрасните луѓе.
Секојдневно се прават различни истражувања кои што докажуваат колку е важен витаминот Д, калциумот и магнезиумот и ги прошируваат областите во кои што се корисни. Познато е дека витаминот Д помага во заштитата и лекувањето на многубројни заболувања како некои видови рак (на дојката, на простатата, на дебелото црево), мултиплекс склероза и Алцхајмеровата болест.
Магнезиумот, исто така, е многу здрав минерал кој влијае врз густината и метаболизмот на коските. За жал, многу луѓе не консумираат доволно количество магнезиум, минерал кој е битен за повеќе од 300 хемиски реакции во организмот. Освен тоа, магнезиумот помага во контролирањето на крвниот притисок и заштитува од метаболички синдром. Најдобриот извор на магнезиум се житарките, оревите, млекото, зелените салати, морската риба итн. На возрасните им се потребни 300 – 400 милиграми магнезиум во текот на денот, додека оние над 30 години треба да консумираат нешто повеќе.