Летен фитнес: Пливање

Нема подобар начин за одржување на кондицијата и водење на здрав живот од редовното, па макар и рекреативното практикување на некој спорт, сложни се во мислењето експертите од целиот свет. Спортот, кој што според мнозинството од нив е најкорисен за здравјето, одржување на кондицијата и психофизичкиот развој на целиот организам е токму пливањето.

Пливањето опушта, блаопријатно делува на психата, кардиоваскуларниот систем, белите дробови, развојот на мускулниот и коскено-зглобниот апарат, помага при одстранувањето или ги ублажува деформитетите на ’рбетниот столб, другите заболувања итн. Поради тоа, оваа активност им се препорачува на сите, без разлика на полот и годините. Но, за да навистина користи во однос на нашето здравје потребно е да се научи како тоа правилно да се изведува.

Пливањето претставува природна и масовна активност која што е привлечна за сите возрасти, а неговата корист во однос на здравјето е повеќекратна. Може да се научи во секој животен период, особено денес кога во многу центри се организираат обуки и училишта за пливање. Сепак, најдобро е кога пливањето ќе се совлада уште во детството и кога децата, додека се сеуште мали започнуваат да се навикнуваат на благопријатното дејство на водата.

Бебињата уште во првиот месец треба често да се бањаат за уште од мали да се навикнат на водата. Кога малку ќе потпораснат, научат да одат и зборуваат треба да се носат на базен и да се поттикнуваат да пливаат во друштво со родителите. Тогаш, кога ќе се ослободат од стравот од базенот, треба да се научат да нуркаат, и подоцна, кога ќе наполнат пет години треба да се научат кон совладување на различните техники на пливање.

Најчесто првите техники што се учат се градно и краул, бидејќи на децата тие техники им се наједноставни. Но, и тоа е релативно, бидејќи секое дете е различно и тоа самото врз основа на своите афинитети ќе покаже која техника најмногу му одговара. Од искуство, се покажува дека за правилно пливање потребни се 35 часови обука. Исто, и ова треба да се разбере условно, бидејќи на некого му се доволни и 20 часови, додека на некого не му се доволни ни 60 часови.

Постојат четири главни техники на пливање и сите се подеднакво корисни за здравјето. Тие се класичното градно пливање, граден краул, грбен краул и делфин. Грбната техника влијае на правилен развој на грбните мускули, рамењата и рацете, додека техниката делфин влијае на правилниот развој на градните мускули, рацете и севкупниот мускулен склоп. Треба да се каже дека техниката делфин е за многу од луѓето и најтешка техника.

Кога се зборува за видовите на пливање постојат рекреативно, натпреварувачко и маратонско пливање. Натпреварувачкото пливање обично се прекинува по 28-ата година, додека маратонското кое што исто така е напорно, по 50-тата година од животот. Затоа, рекреативното пливање, како најчест вид на занимавање со овој спорт може да се практикува во кој и да било животен период.

Идеалната температура на водата за пливање е 25-26 степени, додека во базените наменети за мали деца, таа е 28 степени. Температура под 22 степени целзиусови не се препорачува, освен во случаите кога некој организам уште од детството е навикнат на ладна вода. Пред да започнете да се занимавате со оваа активност, добро е да се изврши и лекарски преглед, за да се утврди постоење на некое заболување и врз основа на општата состојба на организмот да се определи вистинската доза и интензитетот на пливањето од страна на докторот.

Пливањето особено се препорачува во утринските и претпладневните часови, бидејќи тогаш тоа е најделотворно за организмот. Исто така, оваа активност е корисна и во било кој друг дел од денот. Натпреварувачкото пливање треба да се избегнува во рок од два часа од последниот оброк, додека во лето треба да се биде внимателен и да не се влегува нагло во водата. При капење во базен, пожелно е да се користат наочари за вода, поради хлорот и заштита од спортски повреди. Исто така, добро е да се носи и капа, за да не смета косата при пливањето.

Во секој период од животот постојат и посебни причини поради кои пливањето особено се препорачува. Така, во детството и пубертетот, пливањето влијае на правилниот раст и развој, одстранување на деформитетите на ’рбетниот столб како што е сколиозата, итн. На деловните луѓе пливањето им се препорачува како средство за намалување на стресот и одржување на добрата линија, додека кај постарите позитивно делува во однос на кондицијата, кардиоваскуларните и болестите на белите дробови, но и како своевиден “еликсир“ за продолжување на младоста.

Треба да се истакне дека оваа активност не треба да се ограничи само на летните месеци како што е тоа случајот кај нас, туку таа треба да се применува и во текот на целата година. Се надеваме дека некогаш и во нашата држава ќе имаме центри во секој град кои што ќе работат преку целата година по светските стандарди за овој спорт.