Кои масти се ДОБРИ за организмот?!?

Во човековиот организам се наталожуваат масти. Секојдневната исхрана, брза или здрава, слатките задоволства и слично придонесуваат за ова. Но не се сите масти лоши или штетни. Сигурно сте слушнале за омега 3 масните киселини кои се „добри“ масти. Тие ја регулираат работата на срцето и го одржуваат здраво, штитат од заболувања, депресивни чувства, артритис и други заболувања на коските и зглобовите. Зголеменото ниво на „лош“ (LDL) холестерол и високиот крвен притисок се уште една голема закана за здравјето на срцето. Но, кога станува збор за здраво срце, тука се и триглицеридите, бидејќи се важен показател за здравствената состојба на овој витален орган.Триглицеридите се масти, неопходни за одржување на човечкиот живот, кои ги има во храната која секојдневно ја консумираме. Кога јадеме, вишокот калории кои телото не ги користи веднаш, ги претвора во триглицериди. Триглицеридите се складираат во масните клетки во телото, во случај да му бидат потребни на организмот при недостаток на храна. Колку и да се корисни триглицеридите за нашето тело и организам, сепак високата вредност може да го влоши здравјето, може да доведе до атеросклероза која го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и кардиоваскуларни заболувања.

Од што зависи високо ниво на триглицериди во крвта? Главни причинители…
Нивото на триглицериди во најголема мера зависи од начинот на живот, исхраната и внесените калории во текот на еден ден. Постојат одредени фактори кои ја зголемуваат веројатноста за растење на вредноста на триглицериди во крвта и на кои што треба да обратите повеќе внимание. Еве кои се тие:

  • Прекумерна тежина, дебелината, особено во пределот на стомакот;
  • Хипотироидизам – намалена функција на штитната жлезда;
  • Повеќе калории отколку што организмот може да троши;
  • Прекумерно консумирање алкохол;
  • Болести на бубрезите и џигерот;
  • Дијабетес;
  • Возраст;
  • Физичка неактивност.

Во некои случаи, оваа состојба и се препишува на генетските фактори.

Нормално ниво на триглицериди во крвта
Со крвна слика може да ја откриете вредноста на триглицериди во крвта. Не треба да јадете 8-12 часа пред самиот лабораториски тест. Еве кои вредности се нормални, а кои укажуваат дека треба да направите значајни промени во начинот на живот:

  • Нормална вредност: помалку од 150 mg/dL (помалку од 1,7 mmol/L)
  • Покачена вредност: 150–199 mg/dL (1,7–2,3 mmol/L)
  • Висока вредност: 200–499 mg/dL (2,3–5,6 mmol/L)
  • Алармантно висока вредност: 500 mg/dL и нагоре (5,7 mmol/L и нагоре)

Се препорачува секое лице над 20-годишна возраст да си прави крвна слика барем еднаш на неколку години, а со оглед на времево во кое живееме, крвна слика секоја година е најдобриот избор.

Начини како да ги регулирате триглицеридите во крвта
Доколку имате масти и покачено ниво на триглицериди, не е страшно. Преку некои промени во животниот стил може да ја поправите крвната слика за брзо време. Еве што можете да направите за да ги вратите триглицеридите во нормала на природен начин:

  • Одржувајте здрава тежина. Прекумерната тежина, особено дебелината во пределот на стомакот, ја зголемува вредноста на триглицеридите. По намалување на тежината со само 5-10% може да се забележи снижување на триглицеридите.
  • Ограничете го бројот на внесени калории. Вкусната роденденска торта, омилената пица или зачинетиот чипс пред спиење можеби ви изгледаат примамливо, но тие несомнено водат до покачени триглицериди. Не заборавајте дека вишокот калории се претвораат во триглицериди и се складираат во телото како масти.
  • Заменете го меленото месо со риба. Најголеми виновници за високо ниво на триглицериди се слатките искушенија богати со шеќер и храната богата со заситени масти како преработеното црвено месо. Поради тоа, кај лицата со зголемена вредност на триглицериди не се препорачува консумирање на производи како мелено месо, паштети и колбаси. Следниот пат кога треба да изберете какво месо да ставите на трпезата, изберете риба наместо свинско. Со тоа ќе го нахраните телото со масти кои се здрави за срцето. Се препорачува 1-2 пати во неделата.
  • Редовно консумирајте храна богата со омега-3 масни киселини, како риба, сардини, туна и ленено семе. Омега-3 масните киселини не само што се здрави за вашето срце, туку и можат да ви помогнат во борбата со триглицеридите. Рибата, оревите, лененото семе и лененото масло се одлични извори на омега-3 масни киселини.
  • Ограничете го внесот на преработен шеќер. Ако имате покачено ниво на триглицериди, мора да ја победите неконтролираната желба за благи и слатки работи. Внимавајте на кафето што го пиете, дури и гумите за џвакање.
  • Редновна, но умерена физичка активност. Умерената физичка активност во пет или повеќе денови од седмицата може да ви помогне да го намалите нивото на триглицериди во крвта за 20-30%. Тоа не мора да биде интензивен фитнес тренинг, туку можете да изберете 30-минутно пешачење со умерено темпо. Физичката активност е особено важна и за одржување на здрава телесна тежина.
  • Откажете се од пушење цигари. Откажувањето од оваа штетна навика може да ви го намали бројот на триглицериди. Имајте предвид дека победата над овој порок значи и подобрување на нивото на „лошиот“ холестерол и намалување на ризикот од многу други болести предизвикани од цигарите.
  • Намален внес на алкохол во организмот. Антиоксидансите во црвеното вино можат да ви го намалат холестеролот, но прекумерното консумирање алкохол е една од основните причини за високо ниво на триглицериди. Пиењето на повеќе од една чаша алкохол дневно кај жените и повеќе од две кај мажите, може значително да го зголеми бројот на триглицериди.
  • Газираните и густи сокови полни со шеќер и бои заменете ги со свежо цедени портокали или смуди. Соковите негативно влијаат врз нивото на триглицериди. Најдобрата варијанта се чаеви и вода.