Во основата на настанувањето на хиперпигментациите лежи или зголемен број меланоцити или, пак, нивна зголемена функција со зголемена продукција на пигмент.
ЕСТЕТСКА ДЕРМАТОЛОГИЈА
Хиперпигментациите претставуваат нарушувања во пигментацијата на кожата што стануваат вистински проблем за лицата што ги имаат, особено во сончевиот период од годината. Кафениот пигмент ја дава бојата на кожата и воедно ја штити од штетното дејство на сончевите зраци. Неговата синтеза се одвива во меланоцитите, односно во нивните гранули меланозоми.
Во основата на настанувањето на хиперпигментациите лежи или зголемен број меланоцити или, пак, нивна зголемена функција со зголемена продукција на пигмент. Тие може да бидат наследни или, пак, стекнати, локализирани или генерализирани.
НАЈЧЕСТИ ФОРМИ
Ефелиди или сончеви пеги. Тоа се мали (2-4мм), точкести, светло до темнокафени промени што се локализирани обично на лицето во пределот на носот и образите, деколтето, рацете и на други делови изложени на сонце. Карактеристични се за лицата со светол тен, почесто во одредени семејства, односно што се генетски детерминирани. Се појавуваат во детството и траат цел живот. Покажуваат сезонска варијација во бојата т.е. во зима осветлуваат, а налето потемнуваат и никогаш не малигнизираат.
Лентиго симплекс. Претставено е со мали кафени или кафено-црни пигментни промени со големина 2-5мм, локализирани на трупот и на екстремитетите. Се појавуваат во детството, но и подоцна во животот со јасна семејна релација. Не ја менуваат бојата на сонце и немаат малигнен потенцијал.
Соларно лентиго. Претставува стекната хиперпигментација што се јавува кај пациенти со светол тен, кои долги години хронично се изложени на сонце. Се манифестира како темнокафени пигментни дамки со големина 1-3 см со ирегуларни граници, кои не потемнуваат на сонце, и обично се локализирани на делови хронично изложени на сонце како дланките и лицето.
Мелазма претставува голема пигментна дамка (2-5 см) со нерамни граници, обично локализирана на лицето. Причина за нејзина појава е ендокрина т.е хормонална стимулација во комбинација со сончеви зраци. Најчесто ја гледаме кај трудници, пациенти на хормонална терапија или кај заболувања на јајниците и матката. Мелазмата е реверзибилна и во некои случаи се повлекува по породувањето или по прекинување на терапијата, но честопати знае да биде упорна и да стои со години.
Acanthosis nigricans. Се манифестира со пигментни, валкано сиви, кадифени и кератотични творби локализирани во пределите на триење на кожата. Разликуваме 3 форми: бенигна – честа при хормонална дисфункција, на пример, кај дијабетичари, малигна – асоцирана со висцерален карцином, најчесто аденокарцином на желудникот и псевдоформа, која се јавува кај дебели луѓе.
Дифузна хиперпигментација. Обично се јавува кај хормонални нарушувања, кахексија, болести на црниот дроб, примање одредени медикаменти, витамински дефицит и др.
Секундарни хиперпигментации. Обично се проблем кај пациенти со потемен тен и се јавуваат по дејствување на некој етиолошки агенс: топлина, хемикалии, сончеви или рендгенски зраци, кај хронична дразба на кожата или, пак, како постинфламаторни хиперпигментации кај некои дерматози како: акни, псоријаза, лихен, атопик, контакт дерматитис или помедикаментозни и фототоксични реакции.
ТРЕТМАН
Лекувањето на хиперпигментациите бара време и трпение, бидејќи секогаш се потребни повеќе третмани што се прават на одреден временски период. Со најголем ефект се ласерскиот третман, со кој се постигнува селективна деструкција на меланоцитите и хемискиот пилинг, и тоа среднодлабок, кој по пат на ексфолијација отстранува неколку слоеви пигмент. Се прават во несончева сезона од годината на растојание од 3 до 4 недели. Со нив се постигнува постепено избледнување на флеките, кое е воочливо со секој третман.
Во текот и на сончевата сезона, исто така, со одличен резултат на располагање ни стојат и мезотерапијата, за хиперпигментации со специфична формулација на состојки и кристалниот пилинг. Се прават повеќе третмани на 2-3 недели растојание.
И за крај со најслаб резултат, но секако видлив по долготрајно користење, како дополнителна терапија на третманите ги препорачуваме кремовите за дамки кои најчесто содржат хидрокинон, третиноин, азелаична киселина, Б-ресорцинол, овошни киселини и друго. Она што е од особено значење е фотопротекцијата со кремови со висок заштитен фактор, кои ќе го спречат поголемото потемнување на флеките во летниот период.
Во третманот на секундарните хиперпигментации или оние зад чија појава лежи некој друг етиолошки агенс, од најголемо значење ни е отстранувањето на истиот.
Д-р Тања Бурјакоска
спец. дерматовенеролог
Дерматолошко естетска ординација „Д-р Анчевски“
Закажете третман: 02 / 321 66 08