Со доаѓањето на топлите денови луѓето сѐ почесто наоѓаат време за прошетка во блиските паркови и шуми, на чист воздух и под ладовина и притоа не помислуваат за опасноста од крлежи што демне меѓу убавото зеленило.
ШТО СЕ КРЛЕЖИТЕ
Крлежите (Ixodes) претставуваат мали инсекти што живеат на дрвјата и во грмушките од каде што паѓаат во тревата, врз животните и луѓето. Притоа се хранат преку цицање крв со заривање на својата глава во кожата, и тоа најчесто на деловите од телото што не се покриени, како рацете, нозете и главата, иако честопати ги наоѓаме и под облеката, особено во прегибните делови. Каснувањето од крлеж само по себе е безболно поради супстанциите што се наоѓаат во плунката на крлежот и честопати поминува незабележано. Меѓутоа, доколку крлежот е заразен со некој вирус или бактерија и доколку цица подолго од 18 часа, постои можност за пренесување на инфекција кај човекот.
КОИ БОЛЕСТИ ГИ ПРЕНЕСУВААТ
Меѓу најчестите болести што ги пренесуваат крлежите се вбројуваат вирусниот менингоенцефалитис и хеморагичната треска, кои се манифестираат со главоболка, треска, мачнина и повраќање, вкочанет врат, заборавеност, конфузија и пречувствителност на светлина или со хеморагичен исип на телото. И секако, тука е познатата Лајмска борелиоза, која ја предизвикува спиралната бактерија Borrelia burgdorferi. Се смета дека процентот на крлежи заразени со оваа бактерија се движи од 5 до 35 отсто. Крлежот се заразува преку цицање крв од инфицирани глодачи и потоа ја пренесува инфекцијата на човекот.
СИМПТОМИ НА
ЛАЈМСКАТА БОЛЕСТ
Лајмската борелиоза протекува во три стадиуми. Првиот стадиум се јавува 2-30 дена (некогаш до 2 месеци) по каснувањето на крлежот и трае 1-8 недели. Се манифестира со појава на црвенило на местото на каснувањето, кое постепено се шири прстенесто со избелување во центарот или може да личи на цел со концентрични кругови. При неjзината локализација на главата, скриенa под косата честопати е незабележливa, па дијагнозата во овој стадиум може лесно да се превиди. Таа достигнува големина и до 10 см. Понекогаш, почесто кај децата, на лицето и ушите знае да се јави мал јазол или црвена плака, која трае со недели и месеци и се нарекува лимфоцитом. Од општи симптоми може да се присутни: општа слабост, мачнина, треска, фебрилност, болки во зглобовите и во мускулите.
Вториот стадиум се јавува кај нелекувана болест, по повеќе недели или месеци (обично по 2 месеци) и се манифестира со појава на многубројни кожни промени, воспаление на мозочните обвивки, ревматолошки и срцеви симптоми. Трае помалку од 1 година.
Третиот стадиум се јавува доколку не се лекува болеста, по месеци и години од инфекцијата. Најзначајната промена на кожата во овој стадиум е acrodermatitis chronica atrophicans и обично е локализирана на долните екстремитети. Почнува со инфилтративен стадиум со црвенило, едем и со појава на јазли, за да продолжи со атрофија т.е. истенчување на кожата и на поткожното ткиво, со проминирање на крвните садови и нарушување на сензибилитетот и со болки во зглобовите. Може да бидат присутни и кардиолошки, ревматолошки и невролошки нарушувања.
ВАДЕЊЕ КРЛЕЖ И ДИЈАГНОЗА
При каснување од крлеж тој не смее механички нагло да се вади, туку треба да се задуши со покривање со памук натопен во вазелин, парафин, глицерин или во масло, при што самиот се отпушта и лесно се вади со пинцета. Меѓутоа, честопати и овој метод знае да биде неуспешен или, пак, при негово изведување може да се откинат делови од апаратот за цицање на крлежот и тие да останат во кожата каде што ќе предизвикаат локална воспалителна реакција на туѓо тело. Затоа, моја препорака е да се јавите кај дерматолог, кој со дермоскопија ќе потврди дека станува збор за крлеж во случаи кога тој е многу мал, безбедно ќе го извади (механички или хируршки) и повторно со дермоскопија ќе установи дека нема остатоци од крлежот во кожата. Потоа ќе ве упати во лабораторија да направите серолошко испитување за можна пренесена спирохета во наредните 1-8 недели. Доколку се докаже инфекција, ќе ви пропише соодветна терапија.
ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ
Препораките се состојат во особена претпазливост при престој во природа, кога треба да се носи светла облека, панталони со долги ногавици и соодветни обувки, и нејзино соблекување и проверка по враќањето дома, како и проверка на телото особено на прегибните делови и на косата. Исто така, постојат и многубројни спрејови-репеленти што ги одбиваат инсектите во текот на неколку часа, а се нанесуваат на телото. Исто така, не заборавајте да ги проверите вашите домашни миленичиња кај кои убодот од крлеж е многу почест и истиот може да се пренесе на човекот. И секако, при убод од крлеж најдобро е да се јавите во најблискиот медицински центар.
Д-р Тања Бурјакоска
спец. дерматовенеролог
Дерматолошко естетска ординација „Д-р Анчевски“
Закажете третман: 02 / 321 66 08