Сигурен сум дека повеќе пати додека сте вежбале сте се запрашале „Дали правилно дишам“? Кога да вдишам, а кога да издишам? Колку е важно дишењето во текот на физичките активности?
Забележавте дека во текот на вежбањето, посебно со повисок интензитет, се зголемува пулсот а со самото тоа и чувството како да немате доволно воздух. Зголемувањето на пулсот е нормален и сосема очекуван процес. На него, барем не во тој момент не можете да влијаете.
Техниката на дишење има големо значење кај сите физички активности. Од количеството на кислород зависи колку километри ќе истрчаме, метри ќе препливаме, килограми ќе подигнеме.
Општата техника на дишење е при зголемување на оптеретувањето, го исфрламе воздухот и го ослободуваме градниот кош и телото од притисок. На пример, кај склековите издишуваме кога го подигаме телото, додека вдишуваме кога сме во состојба на спуштање. Оваа техника е најраширена и наједноставна за користење.
Постојат и други, а најдобар пример за тоа е вежбата „ веслање“, кај која по оваа теорија вдишувањето мора да биде при подигање на телото, односно влечење на шипките кон телото.
Објаснувањето е дека во тоа движење во моментот на повлекување, го шириме градниот кош и така ослободуваме простор за кислород, затоа е непријатно во таа фаза да издишувате.
Кај трчањето, но и кај некои други кардио активности, дишењето има важна улога. Основниот извор на енергија е кислородот, а него во големи количини го добиваме токму преку дишењето. Најдобриот начин на дишење кај кардио активностите е дишењето при кое за да вдишиме ги користиме и устата и носот, додека издишуваме само на уста. Со оваа техника „земаме“ што повеќе кислород кој ни е неопходен за долготрајно вежбање и согорување на масните наслаги, бидејќи мастите согоруваат единствено со присуство на кислород.