Освен користењето на шампони и регенератори, како дел од негувањето на косата треба да практикувате и: применување на советите за заштита на косата од негативни влијанија како топлина и силни хемикалии, редовно потстрижување и „хранење“ на косата. Косата може да ја „храните“ на два начина: внатрешно, преку храната која секојдневно ја консумирате и надворешно, преку маските за коса.
Маските за коса се брз и ефективен начин да ја потенцирате убавината на вашите прамени. А домашно приготвените маски за коса се најдобри затоа што од една страна се целосно природни, а од друга – евтини. Подолу ќе најдете неколку рецепти за маски кои ќе ја ревитализираат вашата коса и ќе ѝ го дадат потребниот блесок и цврстина.
1 презреана банана
5-6 капки бадемово масло
½ чаша млеко
1 лажица мед
Испасирајте ја бананата и кон неа додајте го бадемовото масло. Затоплете го малку млекото, колку за да можете да го растопите медот во него. Млекото со мед додајте го во смесата со бананата и добро промешајте.
Ставете ја приготвената маска на скалпот. Прво масирајте го скалпот, а потоа разнесете ја смесата надолу по прамените. Оставете ја да делува 20-30 минути. На крајот, измијте ја косата со шампон.
