Бел чај ~ Кулминација на елегантноста

Белиот чај се произведува од младите листови и пупки на растението Camellia sinensis, кои се сушат на сонце или под дејство на пареа, без ферментација. Има најмалку кофеин во него, околу 1% од шолја кафе, и најсуптилен вкус. Се цени заради природната сладкост и специфичниот вкус.

Претставува заштитен знак на провинцијата Фуџијан во Кина. Белиот чај е првиот чај кој се пиел во Кина, бидејќи најмалку се процесира. Како што се развивале новите техники на производство, така се развивале и новите вариетети на чај. За првпат е забележано дека се пиел за време на династијата Танг (618-907 год.) каде се пресувал во колачиња кои потоа се вареле. Бил ценет како нешто свето за време на династијата Сонг (960-1279 год.) и го пиело само кралското семејство.

Бил особен фаворит на императорот Хуи Цунг кој обожавал чај и го прогласил за “кулминација на елегантноста. До овој период начинот на приготвување веќе се променил, листовите и пупките се толчеле во фин сребрен прашок кој потоа се варел во чајник и сето тоа било придружено со посебна церемонија. Оваа церемонија ја инспирирала познатата јапонска церемонија на приготвување на чај. Белиот чај бил привилегија на богатите бидејќи неговото производство било многу тешко.

Прво требало да се изберат селектирани сорти на култивирани грмушки или диви чајни дрва во рана пролет. Потоа веднаш се изложувале на пареа и пупките извадени од нивните неотворени листови.

Деликатната внатрешна пупка која останувала се миела со изворска вода и сушела да се создадат листови бел чај кои биле тенки како хартија и многу мали. Модерното производство на бел чај започнало во времето на династијата Куинг во 1796 година. Листовите и пупките се собирани од различни грмушки сите заедно наречени Чаича. Во 1885 се селектирани Da Bai (голем бел), Xiao Bai (мал бел) и Нарцис.

До 1891 година оваа внимателна селекција довела до денес познатиот со бели влакненца чај наречен “Сребрена игла” кој се извезува од Кина и во 1922 година е создаден вариететот “Бел Божур”.

Белиот чај има највисоки нивоа на антиоксиданси од сите типови на чај. Има највисоко ниво на теанин, аминокиселина која делува релаксирачки и смирувачки. Во 2009 година е направена студија од страна на Кингстон универзитетот и е утврдено дека белиот чај има антиинфламаторни, антиоксидантни и други својства, кои можат да го намалат развојот на реуматоиден артрит, некои типови на рак, срцеви заболувања, и развој на брчки.

Во 2004 година е докажано и поголемо антивирусно ии антибактериско дејство од зелениот чај, што се должи на процесот на обработка кој кај белиот чај најкратко трае.

Приготвување :

Белиот чај се приготвува со врела, но не зовриена вода за да не се изгуби вкусот. Само 80°С е доволно, чајот треба да отстои за време од 2-3 минути. Специфичниот начин на приготвување зависи од сортата  на белиот чај. Вообичаено е наведено на пакувањето.