Во пречек на летните денови сите сакаме да изгледаме убаво, особено кога зимската облека ќе ја замениме со лесна летна облека и кога нашето тело треба да го покажеме на плажа во бикини
ЕСТЕТСКА ДЕРМАТОЛОГИЈА
Еден од главните проблеми што ги преокупираат припадничките на понежниот пол е кожата како кора од портокал, локализирана најчесто во пределот на бутовите, задникот, стомакот и на натколениците. Тоа е добро познатиот целулит, една од најчестите болести на денешното време.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ЦЕЛУЛИТОТ
Во основата на патологијата на целулитот лежи заболување на сврзното ткиво на кожата, при кое масните клетки што лежат под него на места го потиснуваат или, пак, пробиваат низ него, создавајќи мали перничиња од масни клетки, кои на површината на кожата ѝ даваат набран и грутчест изглед. Истовремено постои и нарушување на циркулацијата, при што постои задршка на вода во кожата со отежнато отстранување на токсините.
Иако целулитот може да се појави кај двата пола, тој е почест кај женскиот пол, така што 80-90 отсто од постадолесцентните жени некогаш во животот ќе се соочат со овој проблем. Ова главно се должи на разликите во градбата на масното и на сврзното ткиво кај двата пола. Масните клетки кај жените се со тркалезна форма и се сместени поблиску до површината на кожата, додека кај мажите тие се со остри рабови и се наоѓаат длабоко во кожата, така што речиси и не се гледаат, а уште помалку даваат набран изглед на кожата како тој кај целулитот.
ФАКТОРИ ЗА НЕГОВО ПОЈАВУВАЊЕ
Генетичкото наследство е еден од основните фактори што ги одредува предиспонирачките фактори, како полот, расата, бавен метаболизам, нарушена циркулација, поповршна локализација на масните клетки.
Хормонални фактори што се јавуваат како можни учесници во формирањето на целулитот се естрогените, тироидните хормони, пролактинот, инсулинот и катехоламините адреналин и норадреналин.
Животен стил. Седентарниот начин на живот со слаба физичка активност, неправилната исхрана со премногу масти, шеќери, сол и алкохол, а недоволно внесување течности, пушењето што ги оштетува крвните садови и го слабее поткожното сврзно ткиво, стресот што го покачува нивото на катехоламините, се спомнати како некои од факторите за појава на целулитот.
ТЕРАПИСКИ МОЖНОСТИ
Антицелулитни масажи со антицелулитни кремови во чиј состав честопати ќе ги сретнеме витамините А и Ц, потоа Л-карнитин, кофеин, АХА, ретинол, аминофилин, коензим А, екстракт од бршлен, ДМАЕ-антиоксиданс, помагаат и во забрзувањето на циркулацијата и на метаболизмот, лимфната дренажа и отстранувањето на токсините, но ефектот ќе биде незадоволителен. Затоа е најдобро тие да се комбинираат со некои од третманите што се спроведуваат во дерматолошките ординации. Ултразвучна кавитација со која, со помош на ултразвук, механички се оштетуваат мембраните на масните клетки, па тие лесно прскаат и нивната содржина се разлева во меѓуклеточниот простор, каде што со помош на ензими се разградуваат и се отстрануваат преку крвната и лимфната циркулација. Третманот трае 40-45 минути, не е инвазивен и болен и не ги попречува секојдневните активности на пациентот. Потребни се повеќе третмани (6-9), зависно од клиничката слика, кои се прават на седум-десет дена.
Акцент. Тоа се радиофреквентни третмани со апарат што нуди уникатна двојна радиофреквентна технологија, со која контролирано се загрева ткивото над 65 Целзиусови степени на две различни длабочини. Со биполарната сонда се овозможува топење на мастите и на целулитот, кои се наоѓаат на површината на кожата, додека со униполарната сонда ефективно се топат мастите сместени длабоко во масното ткиво под дермисот. Истовремено се подобрува локалната циркулација, се разградува фиброзното ткиво, се намалува отокот преку забрзување на дренажата на течности и токсини. Ова е неинвазивен метод, при кој се чувствува само топлина на местото. Се препорачуваат од 8 до 10 третмани спроведени во четири-пет недели (двапати неделно).
Мезотерапија за масни наслаги (липолиза) претставува метод со кој со помош на мали и тенки игли во кожата, директно во масното ткиво, се внесуваат коктели составени од состојки што успешно ги разградуваат масните наслаги по хемиски пат и истовремено ги забрзуваат локалниот метаболизам и циркулација за нивно полесно отстранување. Овој метод успешно ги топи локализираните масни перничиња и успехот е особено забележителен доколку се комбинира со некоја од претходните две методи. Бројот на третмани се движи од три до шест на седум-десет дена.
Пролетта е најпогоден период за почнување со кој било третман за отстранување на целулитот и на масните наслаги и за обликување на нашето тело, бидејќи третманите бараат време за да го постигнеме саканиот ефект токму во периодот пред летните одмори. Затоа, искористете го периодот и јавете се кај вашиот дерматолог.
Д-р Тања Бурјакоска
спец. дерматовенеролог
Дерматолошко естетска ординација „Д-р Анчевски“
Закажете третман: 02 / 321 66 08