Чешањето во гениталната регија е непријатна состојба која што може да биде предизвикана од влажност во регијата како и од носење на несоодветна облека. Оваа состојба која што е најчеста во земјите кои се одликуваат со многу влажна клима е предизвикана од габична инфекција на кожата како и од влажна и испотена облека направена од несоодветни материјали.
Што е тоа генитално чешање?
Гениталното чешање е причинето од страна на раш (црвенило, воспаление) кое што се појавува на површината на кожата. Најчесто се појавува на препоните, внатрешната страна на бутовите, гениталиите и областа околу анусот, ректумот или вагината. Почесто се појавува кај жените отколку кај мажите. Најдобрите услови за развој на инфекцијата се топли и влажни средини.
Гениталното чешање исто така може да претставува и реакција на носењето на испотена и влажна облека во топло време или реакција на носењето на неколку слоја облека во зима, со што се зголемува веројатноста за појава на влага околу препоните. Ако имате прекумерна тежина, кожата побрзо се влажни поради поголемото потење.
Кога ќе се појави чешањето, мора итно да превземете мерки бидејќи бактериите можат да предизвикаат дополнителни инфекции поради тоа што влагата е идеалното место за нивно размножување.
Причини
Во почетната фаза, инфекцијата се јавува на препоните од каде што се проширува кон внатрешната страна на бутовите. Инфектираната кожа има црвено-кафена боја и се одликува со сувост и поголема грубост во однос на останатите делови од кожата на телото. Топлината и влажноста кај спојот помеѓу гениталиите и бутовите овозможуваат многу добри услови за развој на габични инфекции, додека дополнителното проширување на инфекцијата може да биде причинето од носење на тесна облека.
Гениталното чешање во поголем дел е застапено кај спортистите и дијабетичарите. Габичните инфекции можат да се пренесат и во студентстките домови или касарните, односно сите оние места каде што престојуваат повеќе луѓе и каде што бактериите можат да престојуваат во перниците, чаршафите и ќебињата.
Симптоми
Чешањето започнува со форма на црвено-кафена дамка која што станува се поголема. Кожата во инфицираната област е малку подигната и сува. Исто така можат да се појават и мали црвени папули или дури и акни. Понекогаш, инфекцијата може да се прошири на кожата на пенисот, додека жените можат да искусат вагинално чешање и бел, густ исцедок.
Лекување
Кога ќе се појави чешањето, дефинитивно морате да отидете на кожен лекар кој што ќе препише соодветна терапија. Инфекцијата вообичаено се третира со различни креми за мачкање кои што се аплицираат два пати дневно најмалку две недели и најмалку една недела по исчезнувањето на воспалението (црвенилото).
Освен креми, можат да се користат и гелови, прашаци и спрејови. Најчестите препишувани лекови за овој тип инфекции се Ламисил, Даскил и Дермгел. Пред да се аплицира кремот, инфицираната област треба да биде ладна и сува. Ако инфекцијата се прошири и стане непријатна, ако се појават отоци и ако состојбата не се подобрува во рок од две недели, ќе треба повторно да се јавите на преглед.
Ако инфекцијата е пропратена и со треска, физичка слабост, повраќање, отоци на препоните, абсцеси, потешкотии при уринирање и црвенила на пенисот или вагината, морате да бидете хоспитализирани.
Превенција
Во превенцијата на гениталните инфекции мора да практикувате добра хигиена во гениталната област. Гениталната област треба да биде сува и чиста и облеката треба да биде колку што е можно покомфорна како и да биде направена од материјали кои што не предизвикуваат влажност или не ја одржуваат истата. Најдобриот материјал за долна облека е памукот.
Избегнете го користењето на перници, чаршави и ќебиња од други луѓе и по туширањето добро исушете ја гениталната област пред да се облечете. Повремено, можете да ја измивате гениталната област со чај од камилица или да користите сапуни за интимна хигиена. Во повеќето од случаите, иритацијата многу брзо исчезнува.