Да, постои и ваков тип на алергија која претставува преосетливост на сончева светлина.
Оваа алергиска реакција уште се нарекува и фотосензитивност. Кај некои луѓе организамот неможе да ја толерира изложеноста на сончева светлина и се активира имунолошкиот систем. Типот на реакцијата и количината на изложеност на сончева светлина која е потребна за да се манифестира алергијата е различна кај секого.
Алергијата не треба да се меша со изгорениците предизвикани од сонцето. Алергијата обично се манифестира со црвенило, пецкање и слаба болка, и се јавува обично кратко време по изложеноста на сонце, за разлика од изгорениците кои се јавуваат како последица на прекумерна изложеност на UV зраците, при што меланинот не е во состојба понатаму да ја заштитува кожата и доаѓа до оштетувања.
Сепак времето на изложеност на сонце коe е потребно за да дојде до алергиска реакција или изгореници предизвикани од претерана изложеност е различно во зависност од индивидуата и неможе прецизно да се дефинира. Во продолжение ви изнесуваме неколку совети на што треба да внимавате.
Алергијата на сонце понекогаш се јавува како последица од комбинација на креми за сончање, масла или парфеми заедно со сончевите зраци. Исто така може сонцето воопшто да не биде инволвирано, а алергијата да биде предизвикана исклучиво од кремите, маслата или парфемите, па затоа за почеток, ако забележите алергиска реакција веднаш променете ги кремите, парфемите како и целата козметика за да бидете сигурни дека алергијата не е предизвикана од нив.
- Разликувајте ја алергијата од сончевите изгореници. Алергијата се јавува како резултат на реакција на имунолошкиот систем кон било што внесено од надвор, додека изгорениците како што кажавме се последица на прекумерното изложување на сонце. Внимавајте бидејќи лесно можете да ги помешате, зошто постојат луѓе кои поради малото количество на меланин во кожата лесно се подложни на изгореници, па можат и лесно и да се сомневаат на алергија.
- Како да ги разликувате? Алергиите обично се јавуваат во вид на црвени кругови, на различни делови од телото, обично на допир не болат, но можете да чувствувате благо пецкање, но понекогаш и интензивно чешање. Додека изгорениците, на допир се доста болни, кожата е изклучително топла и не се манифестира во вид на кругови, туку само интензивно црвенило и болка на местата кои што биле изложени на сонце.
- Алергијата на сонце може да се јави и во комбинација со орални таблети кои ги користите како терапија против некоја здравствена состојба. Доколку забележите алергија, веднаш помислете дали користите некаква терапија, а доколку е така веднаш консултирајте се со лекар.
Доколку веќе се потврди вашата преосетливост на сончевите зраци, тогаш во зависност од интензитетот на симптомите лекарот ќе ви предложи терапија. Но, на што вие треба да внимавате?
- Не се’ изложуваjте на директни сончеви зрачења.
- Не се’ изложуваjте на сончеви зраци на високи планински предели, бидејки таму зрачењето е многу поинтензивно.
- Избегнувајте планински предели во текот на снежните периоди, бидејќи рефлексијата на сончевите зраци од снегот е многу интензивна и може особено да ви ја влоши состојбата.
- Избегнувате патувања или било какви активности за време на жешките летни денови.
- Секогаш кога излегувате во жешките летни денови треба да ја заштитите кожата и главата, се препорачува носење на шешир или чадор.